Нова книга на Ден Браун

Пекол за преведувачи

Новиот роман на Ден Браун, под симболичен наслов „Инферно", ќе биде објавен на 14. мај, и тоа на 11 јазици. Како романот на време да биде симултано преведен на толку јазици, а да не „истече" во јавноста? Решение - стави ги преведувачите во бункер.

Легендата вели, а најверојатно е и вистина, дека преведувачи од Франција, Шпанија, Германија, Бразил и Италија, неколку месеци работеле седум дена во неделата, повеќе од 10 часа дневно, без контакт со надворешниот свет. Тие не смееле да користат мобилни, на интернет можеле само преку еден, строго контролиран компјутер и морале да ги пријавуваат сите свои активности во надворешниот свет. Не смееле да изнесуваат тетратки или хартија надвор од бункерот, а дури и кога јаделе во мензата во седиштето на Мондадори, италијанскиот издавачки гигант, биле придружувани од чувари. Куриозитет: сопственик на фирмата е - Берлускони.

„Слободно време, што е тоа?", реторички прашал Доминик Дефер, францускиот преведувач, во интервју за ТВ Сориси е канцони. „Милано? Каде е Милано? Што се однесува до мене, тој можеше да се наоѓа и во оддалечена галаксија". Естел Роиг, каталонската преведувачка, вели: „Бевме сместени во хотел среде ништо, а навистина ми недостасуваше мојата мачка, која не смеев да ја земам со мене".

Она што го знаеме засега за книгата е напишано на Амазон: „Во срцето на Италија, харвардскиот професор по симбологија, Роберт Лангдон, е вовлечен во свет кој се врти околу едно од најмистериозните литературни дела." И притоа најверојатно се мисли на Дантеовиот „Пекол", oној низ кој минале и преведувачите. Не знаеме само колкав хонорар добиле за оваа преведувачка верзија на „Големиот брат".

9 мај 2013 - 10:54