Ноти и цитати

Пеена наука

Хаи-Тинг Чин (Hai-Ting Chinn) , мецосопран од Њујорк, е позната по проекти кои истовремено ја промовираат класичната музика и науката. Еден од нив е пеење цитати од познати научници.

„Научен панаѓур" е рецитал на класични композиции создадени специјално за овој проект. Текстот на секоја песна е цитат од славни научници, кои ја опишуваат нивната работа, нивните ставови, хипотези или заклучоци.

Настапот на Хаи-Тинг е мутлимедијален - освен неа и пијаното на сцена, има и екран на кој е испишано името на авторот на текстот кој таа го пее, а визеулната естетика вклучува и научни инструменти од минатото и сегашноста: дрвена табла, телескопи, модели на сончевиот систем. „Научниот панаѓур" не е наменет за деца, иако е соодветен и за нив. Тој, според зборовите на авторката, е за „детето-научник" во сите нас, како инспирација на онаа љубопитност која поттикнува на истражување и големи откритија.

Проектот е во фаза на изработка, и кога ќе биде завршен би требало да се состои од четири дела: „Потеклото на..." кој го испитува нашето еволутивно стебло, „Орбити и сфери" - песни на текстови на астрономи и космолози, „Процес" - патување низ биологијата на љубовта и „Физика и хемија" кој вклучува научни експерименти. До сега се изведени само делови од него, како овој насловен со „Песни за наука и скептицизам".

15 јули 2013 - 13:23