Пастафаријанство, или религијата чиј врховен бог е чудовиште од шпагети

Звучи како виц, но ова е реално општествено движење, со реални барања и принципи. Режисер ги следел три години за да сними документарец кој ја покажува борбата на членовите да ги добијат истите привилегии како и припадниците на другите, официјални религии.

Пастафаријанизам (од „паста“ во смисла на тестенини, и растафаријанизам), или Црквата на чудовиштето од шпагети (Flying Spaghetti Monster), е сатирично движење кое се противи на подучување креационизам во државните училишта, претставува сатира на религијата, но себеси се опишува токму како религија и ги бара истите права што им следуваат на верските заедници.

Сè почнало од „Евангелието на летечкото чудовиште од шпагети“, отворено писмо напишано од Боби Хендерсон (тогаш студент по физика), кој во 2005 протестирал против одлуката на Бирото за образование на Канзас да дозволи предавање на интелигентен дизајн како алтернатива на еволуцијата во склоп на природо-научните предмети. По објавувањето на писмото пастафаријанизмот станал интернет феномен, и симбол на отпорот против наметнувањето религиски содржини во образованието.

Но иако сето ова звучи како шала, за претставниците на оваа „религија“ работата е сериозна. Следната година Европскиот суд за човекови права треба да одлучи по тужба на Холанѓанка која се чувствува неправично третирана затоа што највисокиот суд во оваа земја ѝ има кажано дека не смее да носи пластична цедалка за шпагети на глава (симбол на пастафаријанизмот) на фотографијата за лична карта. Поранешен член на парламентот од Австрија, Нико Алм, пак, гордо си ја носи цедалката на официјалните документи.

Мајк Артур, независен американски режисер неколку години снимал документарец за пастафаријанците, кои сметаат дека во светов во моментов доминираат толку сулуди идеи, што нивнава - за врховно божество во форма на октопод од тестенини - е многу нормална во споредба со нив. Имаат осум божји заповеди, и сите гласат „Повеќе би сакал да не го правиш“, алудирајќи на живеење таков живот кој нема да ги попречува туѓите животи и права - морал базиран на хармоничен соживот „и генерално да не бидеш кретен“.

Европскиот суд вели дека за нешто да биде признаено како религија тоа треба да биде кохерентно, важно за неговите следбеници и „сериозно“ - ставки кои пастафаријанизмот ги исполнува, со „верници“ од Полска до Тајван. Сето она во што веруваат, според нив, не е ни од далеку толку необично како човек кој оди по вода и воскреснува откако ќе умре. Па сепак вторите имаат одредени општествени привилегии, препознаени се како институции, во некои држави ослободени и од плаќање данок.

„Сè што бараме е ферско поле за натпревар. Тотална неутралност на државата во однос на верското убедување. Не сакаме забрани, но законот мора да е еднакво применлив, и ако веруваш во нешто, и ако воопшто не веруваш. Комплетна слобода на религијата и комплетна слобода ОД религијата. И ова прашање е политичко“, вели Дерк Венема, холандски правен експерт кој работел на случајот на спомнатата госпоѓа кој е стигнат до европскиот суд.

И нема друг начин да го завршиме текстов освен со пастафаријанското - „Р’амен“.

Трејлер за документарецот:

26 септември 2019 - 17:29