Оваа година на Виенскиот новогодишен концерт ќе може да се аплаудира преку апликација

Знаете оној момент на маршот Радецки кога диригентот дава сигнал елитната публика во Музикферајн да почне да држи такт, па ги кара ако се многу бучни, а овие па никако да научат? Е, оваа година сето тоа ќе се одвива во празна сала.

Салата на Музикферајн сме ја посетиле во непразнично издание и тогаш изгледа многу обично како за виенски прилики. Но секој први јануари од 1939 таа се полни со свежи икебани и скапи тоалети, што прави да делува блескаво и ритуално во пресрет на новата година.

Но овој 1 јануари ќе биде различно. Како што соопшти ОРФ, австрискиот радидифузер кој секоја година го пренесува концертот, овој пат публиката од целиот свет, без оглед на тоа дали има билет или не, ќе може да го сними својот аплауз. Потоа тој ќе биде синхронизиран со концертот, со кој оваа година по шести пат во својата кариера ќе диригира Рикардо Мути. Тој ќе биде пренесуван во над 90 земји.

Oдлуката за виртуелно одржување доаѓа откако владата на Австрија одлучи дека нема да можат да се одржуваат концерти до 6 јануари 2021. Така, ако веќе имате купено карти, парите ќе ви бидат вратени.

A и Радецки од лани не е веќе истиот - Виенската филхармонија одлучи да го смени аранжманот бидејќи дотогашниот бил направен од Леополд Венингер, голем поддржувач на нацистите. Овој аранжман за новогодишниот виенски концерт прв пат го предложил диригентот Јозеф Крипс во 1946. Не од пропагандистички причини, туку најмногу заради она барабанче кое го прави целиот штимунг на почетокот од композицијата, а кое Венигер всушност го ставил за тој да звучи како сериозна воена музика, без непотребни „декорации“.

Eве како звучеше тој со новиот, лански аранжман, под диригентство на Андрис Нелсонс. Не дека има некоја забележителна разлика за увото на обичниот човек.

22 декември 2020 - 08:46