Апел на авганистанска режисерка: „Талибанците ќе ја забранат уметноста“

Авганистанската режисерка Сахра Карими преку отворено писмо ги повикува колегите и љубителите на филмот од целиот свет на помош и солидарност воочи „мрачното владеење“ кое според неа ќе следи во земјата, а чија жртва ќе биде и уметноста.

„Ако Талибанците ја преземат власта тие ќе ја забранат сета уметност. Јас и другите режисери би можеле да бидеме на нивниот список за погубување“, напиша Сахра Карими на 13 август на социјалните мрежи, додека Талибанците го опколуваа Кабул.

Таа истовремено ги документираше своите обиди заедно со толпи други луѓе, да ја напуштат земјата. Во твит од 17 август напиша дека успеала во тоа.

Режисерката на „Хава, Марјам, Ајша“ од 2019, и единствената Авганистанка со докторат од областа на филмот, Карими е и директорка на државната филмска агенција.

„Ви пишувам со скршено срце и длабока надеж дека ќе ми се придружите во заштита на мојот убав народ, особено на филмските работници, од Талибанците. Споделете, не молчете“, напиша таа во емотивното обраќање, во кое наведува дека Талибанците и претходно мачеле и убивале уметници. Така, убиен е комичарот Назар Мохамад, познат како Каша Зван, а на почетокот на овој месец членови на воената група го убиле поетот и историчар Абудал Атефи. Таа исто така ја нагласува опасноста од радикално менување на позицијата на девојчињата и жените, забраната на музицирањето освен верското пеење, како и целосната забрана на интернет.

Во писмото таа повикува светот да не го врти грбот и да истапи во име на авганистанските жени, деца, уметници и филмски работници.

17 август 2021 - 14:56