Композиторот-визионер кој се плашеше од бројот 13

Oргија во велшката опера

Како да го претставиш ремек-делото на Шенберг, кое се смета за една од најтешките опери и за слушање и за пеење, а салата да не се испразни во првите пет минути? Ќе го искористиш старозаветното либрето, и некаде на средина ќе ставиш оргија со хор со 80 души.

„Мосјеј и Арон" е незавршена опера во три чина на Арнолд Шенберг, австриски композитор и сликар, еден од најхрабрите иноватори во историјата на музиката, чија музика за време на нацизмот била нарекувана „музика за дегенерици", заради нејзината атоналност и отуство на централна мелодија.

Либретото за операта, чиј автор е самиот Шенберг, е реакција на растечкото антисемитско движење во германските говорни подрачја, кое започнало уште во средината на 19. век за да кулминира во Втората светска војна. Шенберг живеел во мало место близу Салцбург, но притисоците врз него дури и таму биле толку големи што тој морал да се исели во 1921, и покрај тоа што уште во 1898 преминал во протестантизам. Во писмо до Кандински од 1923 напишал: „Најпосле си ја научив лекцијата којашто никогаш нема да ја заборавам. Не сум Германец, не сум Европеец, не знам дали воопшто сум човечко суштество, но не сум ни Евреин".

Операта е резултат на преиспитувањето на неговите еврејски корени, што довело до негово враќање кон јудаизмот во 1933, но таа е и политичка драма, која го најавува она што ќе се случи само неколку години подоцна. „Мојсие и Арон" најпрвин била ораториум, а потоа прераснала во опера, која за време на животот на композиторот никогаш не била изведена, затоа што тој постојано се надевал дека ќе ја заврши. Прва јавна изведба на музика од операта била на концерт во Дармштад во 1951, само 11 дена пред неговата смрт.

Сега, прв пат по четири децении откако е прикажана во Британија, операта се поставува на сцената на Велшката национална опера. Во една од сцените 80 хористи симулираат оргија на сцената, секој со секого. Новинарката на Гардијан која присуствувала на пробата вели дека сепак не е фер да се претпоставува дека ова е циничен обид на продуцентите да ја направат операта на Шенберг попривлечна за публиката, која инаку може да побегне од зградата со раце врз ушите. Оргијата си е во либретото, и го претставува моментот кога Израелитите се во пустината и очекувајќи го Мојсиј да ги пренесе до ветената земја играат околу златното теле, што кулминира во силувања и убиство (што повлекува и скапа сценографија, со живи камили и голи девици).

Премиерата на операта е на 24 мај во Милениумскиот центар во Кардиф, а во јуни ќе игра и во Лондон. Иако Аарон би требало да е напишан со две 'а', на плакатите за претставата тоа ќе си остане со едно - Шенберг бил крајно суеверен трискедекафоб, односно се плашел од бројот 13, а со две а во Арон би имало точно толку букви во насловот.

Извадоци во изведба на Виенската опера

16 мај 2014 - 09:26