Очекувајќи брз автобуски превоз во Скопје, да го запознаеме проектот за подводно метро во Индија од 1921

Во април оваа година властите на Калкута, сосе инженерите кои работеа на проектот, се качија на подводна железница за тест возење. Линијата ќе биде отворена за патници до крајот на 2023. Но таа во голема мерка се базира на нацрти на британски инженер роден во Бенгал, од пред еден век.

Сер Харли Далримпл-Хеј пред сто години замислил амбициозна подземна железница од 10.6 километри, со тунел под реката Хугли, за да ја спои Калкута со соседниот град, Хаура. Сепак, поради недоволни средства и сомнеж дека геолошките својства на градската почва нема ова да го овозможи, големиот план никогаш не се остварил.

Во октомври 1984 Калкута сепак беше првиот град во Индија кој доби метро. Од само 3.4 километри и пет станици, денес тоа е мрежа од 31 километар и 26 станици, од кои половина се под земја. Сега, во декември, метрото ќе добие прва подводна секција. 

Тунелите под реката се долги 520 метри и се дел од речиси 5 километри долгата патека која ги поврзува спомнатите градови. Се очекува на оваа линија да патуваат повеќе од 3000 луѓе дневно. 

Но сер Харли не дизајнирал само една метро линија, туку целиот мастерплан за подземен превоз на Калкута. Ова го сторил во книга, во која понудил и детални цртежи како и проценки за трошоците. И пред еден век тој препорачал инсталација на ескалатори и вентилатори на сите станици, особено имајќи ги предвид високите температури на лето во Калкута. 

Кога го креирал овој план, подземни железници веќе имало во Лондон, Париз и Њујорк. Иако во негово време планот не се остварил, тој сепак оставил печат на овој град. Во 1928 компанијата за електродистрибуција побарала од него да изгради тунел под истата река Хугли за да поврзе кабли од Калкута до Хаура. Тој се согласил, но под услов компанијата да најми изведувач на кого му верувал. Така, во 1931 е направен првиот подводен тунел кој се користи и денес за спроведување струја. 

11 ноември 2023 - 09:16