Џесика Хопер од „Пичфорк“

Нова книга од една од најдобрите живи рок-критичарки

Своевидна антологија текстови пишувани последниве 20 години, оваа книга со претенциозен наслов е всушност поттик за сите жени кои би сакале да се занимаваат со музичка критика - да го пронајдат сопствениот бескомпромисен тон, но и да го вклучат моралниот филтер кога оценуваат нечија музика. 

Џесика Хопер е уредничка на одличниот Pitchfork, дневна интернет публикација посветена на музичка критика, вести и интервјуа, главно поврзани со независната музика. Професионално пишува за различни повеќе или помалку познати списанија и вебзини речиси две децении, а почнала како млада феминистички настроена панкерка, одлучна да го најде сопствениот „отровен и бескомпромисен тон".

Нејзината нова книга има претенциозен наслов, „Прва збирка критики од жива музичка критичарка“, и таа тоа го признава уште во воведот - постојат и претходни книги посветени на музиката (збирка есеи, рок енциклопедија и студија посветена на панкот) напишани од жени. Сепак, тој е доволно провокативен за да го сврти вниманието кон фактот дека рок критиката е во поголем степен машка работа, дури и во споредба со самиот рок.

Во вкупно 42 текста поделени во осум тематски поглавја Хопер зборува за рап сцената на Чикаго, за смртта на Мајкл Џексон, за врската помеѓу Брус Спрингстин и Лана Дел Реј, за Прл Џем, Мајли Сајрус и Рики Ли Џонс, но и за еволуцијата на музичките фестивали и начинот на продавање музика. Неколку уредници на издавачки куќи ја предупредиле дека „само умрени или канонизирани писатели продаваат збирки есеи", но книгата уште официјално неизлезена веќе го доживува третото издание. Причината е што Хопер веќе има своја публика која будно го следи секој нејзин напис, а таа пак не им останува должна. Кога во јануари протече албумот „Вулникура", на пример, таа беше првата која направи интервју со Бјорк, во кое исландската музичарка си го отвори срцето. „Понекогаш добиваш различна приказна кога жена разговара со друга жена", е објаснувањето на Хопер. Сексуалната политика на рокот е исто така една од нејзините теми, како и забелешката дека „мажите кои пишуваат песни за жени е практично дефиниција на рокенролот".

Нејзината родова солидарност со музичарките е очигледна, но уште поважно е нејзиното залагање за плурализам на музичките искуства - не за некаков надмен тон на критичар кој „се разбира од работата" и го наметнува сопствениот став како единствено релевантен. Сепак, признава дека има еден филтер без којшто не може да слуша ниту еден жанр музика:

„Никогаш не можам да го замолчам моето морално јас кога слушам некој албум, без оглед колку е тој добар. Зад музиката којашто ја слушаме има луѓе и последици. Тоа не значи дека секој што прави плоча треба да мине низ некаков морален тест, но сепак има граници, кои ме прават ваков критичар каков што сум", вели таа.

18 јуни 2015 - 15:26