Никербокер: најдобро платениот странски репортер во светот на којшто денес никој не се сеќава

Целосното име му било Хуберт Ренфро Никербокер, американски новинар и писател, со прекар „Црвениот“ поради бојата на неговата коса. На времето бил вистинска ѕвезда, добил и Пулицер, но денес едвај некој се сеќава на неговото име.

Хуберт Никербокер се родил во 1898 година во Тексас, како син на методистички свештеник. Откако минал неколку месеци во војска како „везиста“ на мексиканската граница, посакал да студира медицина на Универзитетот Колумбија. Но студиите по медицина во САД биле престижни, долги и скапи, па заминал во Германија каде се запишал на Универзитетот во Минхен, надевајќи се дека сепак ќе стане доктор. За да се прехрани почнал да работи како повремен дописник за Јунајтед Прес. Му се погодило да се најде на вистинското место во вистинското време - во Минхен токму кога Хитлер со малубројни следбеници се обидел да го извршил првиот пуч за соборување на германската влада. Почнале да фрчат нарачки за текстови за кои добивал дебели хонорари, а со тоа започнал и неговиот подлабок интерес за европската историја и политика. 

Следи цела деценија во која Никербокер ги покривал настаните кои ѝ претходеле на Втората светска војна. Негова уредничка во Берлин била новинарката Дороти Томсон, првата Американка која водела големо прекуокеанско дописништво. Таа ги имала интервјуирано сите значајни европски фаци, од Фројд, преку источните европски лидери, до Хитлер. Во 1930, со нејзина помош, Никербокер ја интервјуирал мајка му на Сталин, Кеке Геладзе (на фотографијата доле) во Тбилиси (тогаш Тифлис), преку преведувач. Насловот на статијата бил „Сталин е мистериозен човек дури и за неговата мајка“. Во 1932 пропатувал низ стариот континент за да напише книга под наслов „Дали Европа се опоравува?“. Притоа интервјуирал голем број државници, како на пример вториот човек на национал-социјалистите, Грегор Штрасер, како и Бенито Мусолини, а интервјуата повторно добро ги уновчувал. 

На почетокот известувал за италијанскиот фашизам и национал-социјализмот со пофалби за „стабилноста“ на овие режими. Но откако Хитлер дошол на власт, мислењето му се променило, па поради своите критички текстови бил депортиран од Германија. На 5 април 1933 во Њујорк Ивнинг пост напишал: „Стотици Евреи се тепани, мачени и убиени. Илјадници бегаат од земјата бидејќи или се, или ќе бидат лишени од можност за живот во неа“. Неговите текстови практично предупредувале од Втората светска војна.  

Во архивски натпис од 1940 објавен во Тајм се известува за серија предавања кои тој ги одржал низ цела Северна Америка (статијата е напишана по неговото 71-во предавање во Минеаполис, со уште 17 на агендата) на кои ги изнел своите ставови дека иако САД се далеку од Европа, Втората светска војна е во голема мерка и американска. Неговите претпоставки тогаш биле дека војната ќе трае шест години и подолго, и дека ќе заврши со Советска Европа, повикувајќи на американска интервенција. На неговите предавања биле присутни речиси 100.000 луѓе. 

Денес, името на Никербокер, ако воопшто се памти, главно се поврзува со Пулицеровата награда за дописно новинарство којашто ја добил во 1931, за серија од 24 текстови посветени на Првиот петгодишен план на СССР, креиран од Сталин, кој бил имплементиран во 1928, а траел до 1932. 

16 март 2022 - 18:52