Оливер Стоун:

Украинците се жртви на американската "Студена војна 2.0"

По четири часовно приватно интервју со соборениот и пребегнат украински претседател Виктор Јанукович, на американскиот режисер му станало јасно дека кризата во Украина има отпечатоци на ЦИА и УСАИД.

Оливер Стоун предизвика политичка бура со неговите толкувања за изворот на политичката криза во Украина и тврдењето дека Украинците се жртви на новата идеолошка крстоносна војна на Американците против Русите.

"Се чини сосема јасно дека таканаречените "стрелци" кои убија 14 полицајци и 45 цивили а ранија 85 демонстранти се странски агитатори. Многумина очевидци, меѓу нив и Јанукович и полициски службеници веруваат дека овие странски елементи биле вметнати со помош  на про-западните политички сили, со потпис на ЦИА," изјави Стоун по долгиот разговор со човекот кој беше соборен минатиот февруари.

Неговите изјави одекнаа како политички земјотрес кај обете страни на украинската реалност по што Стоун појасни дека неговите политички размислувања не се резултат на некаква симпатија кон Јанукович.

Оние кои ги разгневив ги молам да ја погледнат пошироката слика. Немам јас симпатии за Јанукович, тој веројатно е најкорумпираниот претседател што Украина некогаш го имала, а Украина има драматична историја на корупција. Но, не ми е тоа поентата, изјави режисерот.

Според него, појавувањето на Викторија Нуланд и Џон МекКеин на улиците на Киев е јасен сигнал за тоа кој е главниот режисер на настаните. Во истата смисла  ги спомна и специфичните американски владини организации како УСАИД и National Endowment for Democracy кои функционираат во Украина уште од самиот колапс на Советскиот Сојуз. За нив оцени дека многу добро ги работат социјалните мрежи како Твитер и Фејсбук сугерирајќи го методот за организирање на демонстрантите за учество во анти-владини протести.