Не плукај!: пандемиски постери низ историјата

Пред интернет, информациите од јавен карактер, па и оние за заразни болести, биле пренесувани преку еден фундаментален графички медиум: постерот.

Масовно произведувани и поставувани насекаде - по канцеларии, во училници и на огласни табли - постерите кои предупредувале од зарази и давале совети имаат долга историја. Во зависност од уметничката но и политичката „школа“ која ги произведувала, нивната естетска вредност варира, но пораката најчесто е недвосмислена, па дури и шокантна.

На долните постери од 1918, во екот на епидемијата на шпански грип, американските власти ги охрабрувале граѓаните да користат марамчиња при кивање или кашлање и да одбегнуваат групирање. „Опасност: не ставајте пенкала или прсти во устата“, вели еден цртеж, и „Не употребувајте иста чаша“.

И туберклозата била тема на вакв постери од 1920-тите. Млад и згоден дечко демонстрира соодветна алтернатива на „неразумното плукање“, а како психолошко средство за убедување се користи социјалното посрамотување: прстите кои покажуваат на човекот кој на тротоар го прави токму тоа - шири туберклоза со плукање.

Има додуша и такви кои се хумористични, и играат на картата на „обратната психологија“. Еден таков од 1940-тите содржи иронични „совети“ за разболување од грип: носење кратки здолништа во зима, јадење нездрава храна, спиење со отворени прозорци и одбегнување доктори.

Британските постери од 1950-тите на оваа тема се веќе поапстрактни и користат динамичен типографски дизајн. Во истиот период, во 1955, кинеските власти произвеле серија постери за промовирање на одржување чистота во руралните средини во тек на епидемија на колера. На долниот цртеж, од левата страна, е претставен кинески селанец како истовремено повраќа и врши нужда во полско ВЦ, она што може да му се случи секому ако не одржува хигиена. На десниот постер од Индија од 1960-тите е прикажан човек како прска инсектицид кон облак комарци кои пренесуваат маларија.

И моменталната пандемија ја поттикнува креативноста, иако минималистичкиот пристап на поголемиот дел од нив како повеќе да се грижи за естетскиот впечаток отколку за разбирливоста. Можеби еден таков гаден ко горниот со Кинезот во одредени средини навистина би завршил повеќе работа.

 

извор

21 април 2020 - 11:04