Научниците си ги ♥ своите емоџиња

Вклучувањето на сликички од областа на науката во оние кои можат да се користат во онлајн пораки и постови би требало да е добра вест. Е, ама со научниците сè мора да е малку комплицирано.

Ентузијазмот на научната заедница кога ќе се појави некоe новo eмоџи инспирирано од природните науки е голем, но тие понекогаш имаат и забелешки на визуелизациите, кои според нив не се доволно прецизни и/или создаваат погрешен впечаток.

До сега геолозите, на пример, имаа симбол за планина, чекан и копач, но неодамна добија и таков за карпа. Кога Стејси Филип, геолог на Отворениот универзитет во Велика Британија, ги разгледала неодамна додадените симболи, одобрени од страна на конзорциумот Уникод, и забележала дека е додаден таков за „карпа“, најпрвин се израдувала. Но кога подобро го разгледала, не можела да сфати за каков камен станува збор. Делувал темно зелено, малку „згужвано“ и нерамно, како нешто што на повеќето луѓе би им асоцирало на карпа. Или на камен покриен со мов. Кога ги прашала колегите на Твитер, се развила голема дискусија за видот на карпата, а една од најчестите сугестии било дека се работи за серпентинит.

Но ова и не е толку важно, бидејќи карпата ќе изгледа поинаку на секој уред или платформа. Технолошките компании како Епл или Гугл си создаваат своја верзија на секој емотикон одобрен од конзорциумот.

Геолозите сепак не се единствените кои во моментов дискутираат околу емоџиња. Списокот на оние кои ќе бидат пуштени наскоро вклучува и мува, па биолозите кои се занимаваат со инсекти реагираат дека понудената „не е доволно симпатична“. Сметаат дека многу посоодветно би било наместо обична домашна мува да имало емоџи за овошна мушичка, која е „мала и прекрасна“. За разлика од нив мувата се поврзува со ѓубре и вознемирувачко зуење. И не само тоа, кога биле разгледани другите слики на инсекти, биле забележани непрецизности - на пример тоа дека пчелите се претставени со само две крилца, додека оние медоносните имаат четири.

Што е за право, до сега креаторите на вакви симболи имаат реагирано кога се случувало грешка. Така на пример, кога Епл создал емоџи за лигња погрешно поставил клучен дел од нејзината анатомија (сифон за исфрлање течност на задната страна за побрзо движење) помеѓу очите, што личело на нос. На ова реагирал аквариумот во Монтереј беј па во следното издание на списокот, грешката е поправена.

Но не се само карпите, инсектите и морскиот свет проблематични. Такви се и - микробите. Виролозите повеќе би сакале слика на вирус, на пример изосахедрална структура, со дваесет триаголни страни, која може да ја препознае секој што се занимава со вируси. Бидејќи конзорциумот прима сугестии од јавноста, тие, заедно со куп други научници можат да предложат нов емотикон. Всушност голем број од научните токму така и влегле на списокот, на пример анатомското срце, белите дробови, и сега новиот симбол на црв.

13 февруари 2020 - 16:34