Научниците прават дронови од препарирани птици

Иако на прва звучни необично, препарираните тела на птиците се користат за набљудување на живиот свет на помалку инвазивен начин. Јасно е додуша дека и на војската и на разузнавачите им одговараат дронови кои не личат на машини, но засега е рано да се размислува за можните (зло)употреби. 

Препарирани птици повторно летаат, и тоа приспоени на крилести дронови. Необичниот проект, раководен од истражувачи од Институтот за рударство и технологија на Ново Мексико треба да создаде инструмент кој би помогнал во проучувањето на летот на птиците и во набљудувањето на живиот свет на релативно неагресивен начин.

„Нaмeсто вештачки материјали за конструирање дронови, ние користиме мртви птици и ги ре-дизаjнираме како дронови“, изјавил Мостафа Хасаналиан, машински инженер кој го води истражувањето.

Стратегијата е да се добијат алатки кои се пријателски настроени кон природата, преку ангажирање на локални препаратори. Секако без притоа да им се наштети на живите птици. 

Луѓето низ светот користат дронови за различни цели, меѓу другото и за документирање на климатските промени, за фотографирање, достава на пратки и воено набљудување. Во моментов повеќе од 1,1 милион рекреативни дронови се регистрирани во Федералната воздухопловна администрација на САД.

Но дроновите можат да бидат проблем за дивите животни. На пример, птиците, исплашени од дроновите, можат да ги напуштат своите гнезда оставајќи ги малите пилиња незаштитени. Се случува тие и да ги напаѓаат дроновите, што може да доведе до повреди.

Тоа што во случајов препарираната птица се прикачува на дрон со механички крила го олеснува процесот, бидејќи дизајнот и производството на вакви делови претставува предизвик за моделирање и прецизно одредување на големината. Со користење на вештачки материјал не секогаш се добива совршеното пафтање на крилата. 

Во моментов, дроновите можат да останат во воздух до 20 минути. Машините не се ни приближно толку агилни како живите птици, но сепак можат да мафтаат при движење напред, како и да лебдат и пасивно да летаат носени од топли струи. Истражувачите користат компјутерски софтвер за симулација на движењата на крилата. Низ самиот процес на дизајн и дополнувањето на податоци во компјутерската програма по секој летачки тест се збогатува знаењето и за начинот на кој дроновите можат да се подобрат за да останат во воздух што подолго. 

26 април 2023 - 18:18