Наркотопија: автономната територија што се финансира од трговија со дрога

Со сопствена армија, покраината Ва е голема колку Холандија, но не е позната по „трева“, туку по многу посилни дроги кои ѝ овозможуваат да е де факто независна држава. Нејзиното постоење меѓу другото се должи на грешките, а во некои случаи и поддршката кои овие босови ја имаат добивано од американските власти.

Државата Ва е автономна самоуправна покраина во Мјанмар (некогашна Бурма). Таа е де факто независна од остатокот од земјата и има свој политички систем, административен апарат и војска, па дури е признаена во Уставот на Мјанмар како таква. „Хајлендерите“ кои со векови живеат тука, на граничните планини меѓу Мјанмар и Кина, за разлика од Ујгурите или Тибетанците, не се под притисок да се откажат од својата автономија, а причината е моќта што ја црпат од трговијата со дроги. 

Благословени со планинска почва која е поволна за одгледување афион, во текот на последниот половина век Ва имаат произведено огромно количество хероин. Американскиот новинар Патри Вик во својата нова книга „Наркотопија: во потрага по азискиот нарко-картел кој ја преживеал ЦИА“ истражува како оваа „забранета република која е пред очите на сите“ станала центар на југоисточната азиска трговија со наркотици која носи 60 милијарди долари годишно. Најмоќната фигура во тој свет е извесен Веи Кеганг, најуспешниот нарко-бос на 21 век до сега, на кого ликовите од типот на Ескобар можат вода да му носат. Тој покажувал воинственост уште како млад, а прераснал во логистички гениј кој осмислил стратегии за пренесување хероин на американскиот пазар. Со наводна фобија од бактерии, тој денес живее изолирано во вила чувана од армија од стотина луѓе. 

Па сепак, ваквиот картел никогаш не би постоел без помошта на сојузник како ЦИА, тврди авторот. Во 1960-тите и 1970-тите, ЦИА била подготвена да помогне речиси на секој кој имал непријателски став кон комунизмот. Тука се нашол народот Ва, на кого му било овозможено да шверцува дрога кон Тајланд, со што практично е создадена долга опиумска патека. Ва за возврат требало да доставуваат разузнавачки информации поврзани со кинеските соседи. На моменти „Наркотопија“ делува како сатира излезена од умот на Џозеф Хелеф („Квака 22“), кога агенти на американската агенција за борба против наркотици, авторизирани од Никсон да извршат скапи и детални планови, се под закана на мистериозни луѓе, кои излегува дека се агенти на ЦИА, кои се обидуваат да ги одржат во живот истите тие картели. 

Вин ја раскажува сложената приказна со прецизност и со здрава доза на хумор, но и со повикување на широк опсег документи на ЦИА и ДЕА, „некои декласифицирани, други добиени со креативни методи“. Според авторот, американскиот пристап до сега е тотално неефикасен делумно и затоа што властите не сфаќат дека имаат работа со „држава формирана околу мет-картел“, која треба да биде третирана како влада на која се пристапува со поизнијансирани дипломатски релации. 

Според критиката, книгата, која треба да излезе на 30 јануари, е вреден придонес кон литературата за меѓународната трговија со дрога и нејзината бескрајна моќ. 

20 јануари 2024 - 10:32