Наполеон сакал небањати?

Малку е неправедно кога си бил освојувач, цар, социјален реформатор, основач на првата централна банка и еден од најславните војсководци на сите времиња, луѓето да се бават со твоите сексуални преференци, и притоа да утнат. Ама па, славата си има свој данок.

Една од централните теми на најновиот филм за Наполеон, со Хоакин Феникс во улогата на војсководецот, е неговата долгогодишна страсна љубов со Жозефина. Во него често се цитираат писмата што ѝ ги испраќал од бојните полиња низ светот. 

Според бројни блогови, форуми и една научно-популарна книга за био-хемијата на привлечноста, во едно од тие писма Наполеон ѝ порачува на својата сопруга Жозефина да не се бања три дена, до неговото враќање дома. Ваквите тврдења, дека тој имал фетиш на испотено и валкано женско тело, особено се актуелизираа по премиерата на филмот. Но историчарите упатени во неговата биографија велат дека иако писмата навистина се интимни, и содржат сексуални алузии, во нив нема ништо поврзано со мерак за валкано. 

Потеклото на легендата е нејасно. Малку позната книга на француски под наслов „Наполеон: љубовни писма до Жозефина“ од 1981 ја содржи првата ваква референца на наводното писмо. Со оглед на тоа што голем дел од коресподенцијата е во јавен домен од 19 век, изгледа тешко да се поверува дека еден ваков „сочен“ детал би останал закопан толку долго. Но најзаслужен за ширењето на митот е Ендрју Робертс, веројатно најпознатиот биограф на Наполеон на планетава (има напишано книга од над 900 страници, „Наполеон: еден живот“), кој во интервју за британски Стандард „папагалски“ ја повторил приказната, додавајќи ѝ дополнителен зачин, веројатно за да привлече внимание на серијата направена според спомнатата книга на Би-би-си, која тогаш требало премиерно да биде прикажана.

Негови упатени колеги го тврдат обратното - дека царот имал неверојатно чувство за непријатни мириси, дека затоа често се бањал (не многу вообичаено за тој период), а неговиот личен секретар Клод Франсоа Меневал еднаш напишал дека носот на Наполеон бил толку добар што можел „без грешка да открие присуство на подземен премин, визба или канализација на голема оддалеченост“. Ама па така, без скандалозни детали за сексуални фетиши, историјата некако не е доволно интересна. 

12 јануари 2024 - 17:28