Најдобри книги за храна во 2021

Јасно е дека е подобро да јадеш и да пиеш отколку да читаш како сето тоа се прави, но има и нешто во жанрот, кориците и илустрациите, и воопшто славењето на храната во овие книги што прави да ти дојде вода на уста.

„Шеќеру, те сакам“ од Равнит Џил

Иако делува како наслов на љубовно романче, станува збор за збир рецепти кои ја слават „послатката страна на животот“. Шеќерот одамна се има здобиено со лоша репутација, но на авторката тоа ништо не ѝ менува. Таа е порасната со чоколатца, профитероли, чајни колачиња, па не е ни чудо што станала слаткарка работејќи во некои од најпознатите ресторани во Лондон. Во оваа книга таа споделува рецепти и искуства со правењето класични прстенести крофни, но и посложени повеќеслојни колачи со различни текстури, како и светкави мусови како за специјални прилики. Вметнати се анегдоти и есеи за тоа „Како да не се биде шеќерен сноб“ или „Што да правите кога вашите гости не консумираат шеќер“. 

„Бордејн во приказни“ од Лори Вулевер

Вулевер е американска новинарка која во последните години пред смртта на Бордејн била некој вид негов менаџер. Ова е нејзина збирка која личи на „усна историја“, обединува спомени на неговото семејство, пријателите, соработниците и колегите од телевизија. Таа ја разоткрива ранливата страна на човекот и додава длабочина на неговиот телевизиски лик.

„Вкус: мојот живот низ храната“ од Стенли Тучи

Оваа книга е незаобиколна на различните листи на книги кои се сметаат за најдобри годинава што изминува, и тоа не само во жанрот „храна“. Актерот и продуцент ја опишува италијанската храна со којашто растел и која е испреплетена со семејните приказни. Истовремено, споделува рецепти со кои дошол во допир на неговите чести патувања, оставајќи впечаток на човек кој знае и да јаде, и да живее. Критичарите посебно го истакнуваат поглавјето за алпската комбинација на паста, сирење, компир и зелка, што веројатно е поинтересно отколку што звучи на прво слушање.

„Она што таа го јаде: приказни за жени и храна“ е зборник составен и уреден од женската издавачка платформа Dear Damsels. Станува збор за есеи на 16 авторки кои ги истражуваат сложените и значајни врски кои жените ги имаат со храната којашто ја готват, ја јадат и ја споделуваат. Има тука и текстови за тоа какво е чувството на подготвување богати јадења за еден човек, ода за јадење со раце, приказни за љубов која се наоѓа во чинија шпагети, како и истражување на помрачната страна на она по што копнееме. 

„Гастро опскура: водич за прехранбени авантуристи“ од Сесил Вонг и Дилан Турас

Бестселер создаден од авантуристичките умови зад сајтот Атлас опскура, кој ни дава увид во сето она што луѓето го јадат и го пијат, а кое знае да биде прилично откачено. Пиво од жаба од Чиле? Паста „Божји нишки“ од Сардинија? 2000 години стари печки за подготовка на јајца од Египет? Сепак, многу повеќе од мени на бизарни деликатеси, Гастро опскура ни укажува на централната улога на храната во нашите животи и стомаци, која нè поттикнува да патуваме со километри само за да си ги надразниме сетилата со нови вкусови.

„Тајна историја на храната: необични но вистински приказни за потеклото на сето она што го јадеме“ од Мат Сигел

Во својата дебитанска книга, новинарот кој пишува за храна и култура Сигел се осврнува на историјата на тоа како воопшто дошло до тоа да консумираме одредена храна, но и како неа сме почнале да ја користиме и за други нешта освен за јадење. Има тука и теми за користење на медот за конзервација на трупови, но и верувања дека пиењето животинско млеко всушност прави да се однесуваме како животни. Храната се истражува од секој аспект - историски, научен, сексуален и секако гастрономски, и вклучува и откачени поглавја како она за „Историјата на голтањето“. 

Списокот е направен врз основа на предлози на Смитсонијан, Гардијан и Фајненшл Тајмс

20 декември 2021 - 15:22