Еден од нас?

Најдобрата книга за Брејвик наскоро на англиски

Книгата на норвешката новинарка и писателка Асне Сеиерстад, под провокативен наслов „Еден од нас: приказна за Норвешка", се занимава со трагедијата која се случи во 2011 на островот Утоја, кога беа убиени 77 лица.

Наградуваната Сеирстад е позната по нејзината претходна книга „Продавачот на книги од Кабул" која е опис на нејзиниот тримесечен живот со едно авганистанско семејство во главниот град на Авганистан, само две недели по нападите од 11. септември. Сега темата ѝ е поблиску до дома - масакрот кој го изврши Андерс Брејвик пред скоро три години.

Книгата е веќе објавена во Скандинавија каде доживува голем успех, наскоро ќе биде преведена и издадена и во Британија, а потоа и во САД. Авторката вели дека тоа е најтешката книга која некогаш ја напишала - ги интервјуирала родителите на Брејвик и тоа кратко време пред мајка му да почине, неговите пријатели, семејствата на жртвите, а разменувала писма и со самиот Брејвик.

„Преку сите нив се обидувам да сфатам што го формирало и што го натерало на овој чекор на тероризам", вели Сеиерстад, која дури кога почнала да ја пишува книгата сфатила дека Брејвик живеел на нејзината улица цели три години. Истовремено, таа ја следи приказната на жртвите кои потекнувале од различни места во Норвешка, и начинот на кој земјата преку ноќ од мирно и хармонично општество стана место на злостор.

Издавачите за Британија и САД велат дека не се сомневаат во успехот на книгата, споредувајќи ја со „Ладнокрвно убиство" на Капоте. За претходната книга авторката завршила на суд, бидејќи авганистанскиот книжар со чие семејство живеела ја тужел за нарушување на неговата приватност и негово портретирање како тиранин. Во 2011 таа била ослободена од обвинувањата, но целото искуство ја натерало со новата книга да биде повнимателна, и пред нејзиното објавување да се осигури дека нема да се повторат вакви негодувања.

Во Норвешка се објавени и други книги за трагедијата, но критичарите ја нарекуваат оваа на Сеиерстад „најцелосен обид за раскажување на приказната од најмрачниот ден на модерното време, истовремено сликајќи портрет на извршителот и во историски и национален контекст".

11 февруари 2014 - 18:26