- Големо јавно судење на книгата „Птици во аквариум: надреализам 1924 – 2024“ ќе биде организирано во понеделник, на Денот на уметноста (15 април), во 18 часот во аулата на Филолошкиот факултет во Скопје. Книгата е дело на Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, со предговор на Владимир Јанковски, а објавена од издавачката куќа „Полица“.
- Во судскиот процес учествуваат судијата Владимир Мартиновски, јавниот обвинител Венко Андоновски, бранителот Гоце Смилевски и адвокатот Владимир Јанковски. Сведоци во процесот, повикани од обвинителот и од одбраната се: Соња Стојменска-Елзесер, Марија Гиревска и Иван Шопов.
- Насоки за присутните на линкот.
- Во скопскиот парк „Ибни Пајко“ на 30 април, вторник со почеток од 13 часот ќе се одржи осмото по ред издание на целодневен џез хепенинг „Today it’s all about jazz“, со кој Националниот џез оркестар се приклучува кон глобалната прослава на Меѓународниот ден на џезот.
- Годинава на сцената ќе се артистите Сашко Николовски Септет (МК), Фани Поса Квартет (ХУ/СРБ/ДЕ), Гоце Стевковски – Богданци Реунион квартет (МК), Лана Јањанин Квартет (ХР), Џијан Емин и Магичниот оркестар (МК) и Карлос Сардуј Грув Месинџерс (КУБА).
- На настапите им претходи работилницата „Џез за деца“ која се одржува секоја година, наменета за деца од 3 години па нагоре, на која најмладите ќе имаат можност да се запознаат музичките инструменти кои се користат во оркестарот, како и да учествуваат во заедничка композиција.
- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе Одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“. Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донесе Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.
- Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје, каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси.
- Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории.