Следните сто раат

На 87. години почина Габриел Гарсија Маркес

Нобеловецот, автор на „Сто години самотија", почина денес, 17.04 во неговиот дом во Мексико сити. 

„Габо" е роден во Аракатака, Колумбија, на 6. март 1927. Токму ова место на северот од земјата бил инспирација за гратчето Макондо од „Сто години самотија". Според многумина тој, заедно со Борхес и Кортасар, е најдобриот писател од шпанското говорно подрачје по Сервантес.

Во 1982 ја доби Нобеловата за литература, а во изјавите по тој повод ја нарече Латинска Америка извор на незгаслива креативност, полна со тага и убавина. „На поети и просјаците, музичарите и пророците, војниците и багабонтите, на сите суштества на сировата реалност - на сите нам ни требаше малку фантазија, бидејќи нашиот суштински проблем беше недостаток на конвенционални средства за да ги направиме нашите животи уверливи". Можеби токму затоа тој смета за основач на жанрот магичен реализам - иако кованицата звучи парадоксално, овој стил за него бил единствениот начин да се долови живописноста на контекстот од кој произлегува.

Последен роман му е „Сеќавање на моите тажни курви" од 2004. Во 2002 објави автобиографија под наслов „Да се живее за да се раскаже", односно нејзин прв дел кој раскажува за неговиот живот од детството до моментот кога ѝ предложил брак на неговата сопруга. Дали стигнал да го напише и вториот дел, и дали оставил уште необјавени дела сигурно ќе дознаеме наскоро.

17 април 2014 - 23:28