Moже ли човек навистина да се смени?

Знаете она кога другар ви вика дека „се променил" и дека со оваа девојка „ама стварно" ќе биде верен? Си викате „аха, 100%", и веднаш му ја одземате можноста да покаже дека тоа навистина може да се случи. Можеби грешите.

Речиси секој би сакал да смени нешто во својот карактер, но не e секој свесен што е точно тоа во неговиот табиет што му пречи. Така е барем сè додека не се случи нешто што социјалните психолози го нарекуваат „кристализација на незадоволството" - препознавање на некаква шема на наше однесување кое нè прави понесреќни, момент кој нè поттикнува да направиме нов список на вредности и на животни приоритети.

Секоја година (барем во САД) се трошат милијарди на книги, семинари и курсеви за „саморазвој" на личноста. Сето тоа секако има врска со тоа како дефинираме што е тоа „личност", и во склоп на тоа како одредуваме што е тоа што нè определува како посебни во однос на другите. Дискусијата во рамки на психологијата на оваа тема е долга и сложена, а една од можните теории е онаа која вели дека најдобриот начин да се размислува за карактерните особини е нивната различна „густина", односно нивната просечна зачестеност кај различни луѓе. На пример, сите понекогаш сме лути и мрчиме, но „густината" на таквото однесување кај некои луѓе долгорочно гледано е поголемо, па оттаму можеме со поголема оправданост да ги наречеме мрчатори (во смисла на карактер).

Ова значи дека луѓето се онолку интровертни, стабилни, отворени, затворени и што уште не, колку што тоа го покажуваат повторливите шеми на нивно однесување. Тие шеми можеби се резултат на генетски предиспозиции, но дури и без свесен напор, таквата предиспозиција може да се менува во текот на животот.

Освен за извесни непоправливи примероци, истражувањата покажуваат дека луѓето главно зреат со годините - типичниот 65-годишник е подисциплиниран во однос на 85% од адолесцентите. Освен возраста важна е и моменталната социјална улога - луѓето кои повеќе инвестираат во долгорочна врска стануваат емоционално постабилни и имаат повисока самопочит. Генерално, колку што некој е попредаден на некоја работа (љубов, работно место, кауза, вера), толку тоа предизвикува промени во структурата на личноста.

Но промените во горниве примери се нуспојава, а не планиран исход од некакви однесувања. Може ли некој да се смени намерно?

Краткиот одговор е - може. Долгиот одговор е - може, ама само ако имаш реалистични очекувања во врска со брзината, обемот, леснотијата и ефектите од обидот, односно ако не потпаднеш под синдромот на „лажна надеж".

Ова е барем заклучокот на истражувачи од Универзитетот во Торонто, објавени во списанието American Psychologist. Според нив, луѓето се мотивирани да направат тешка, па дури и невозможна промена во карактерот, но откако нема да успеат, или се откажуваат, или прават само мала промена во планот и повторно не успеваат, така вртејќи се во магичен круг, кој може да врти засекогаш.

Ова значи дека првиот чекор кон правење реална промена е човек да се однесува како при држење диета - да не очекува да ослаби преку ноќ, да не верува во „инстант" диети, туку долгорочно да работи на промена на некои однесувања. И за дебелината, и за промени во личноста, можеби ќе поминат години, ама добрата вест е дека промената е можна.

27 јули 2016 - 19:21