Moторот од „Зен и уметност на поправање мотори“ станува музејски експонат

Моделот Хонда супер хок од 1966 со кој главниот лик од книгата на Пирсиг патува низ Америка, неодамна е вклучен во Националниот музеј на американска историја.

Помеѓу тешко остварливите желби за Новата година ни е да го поминеме истиот пат кој Пирсиг го поминал во 1968 од Минесота до Калифорнија, а кој потоа послужил како инспирација за антологиската „Зен и уметност на поправање мотори“ - роман кој е истовремено и автобиографија и филозофски трактат за природата на реалноста. Притоа она што нè теши е дека „тешко остварлив“ не значи, нели, и невозможен.

Моторот кој неодамна е вклучен во збирката на Смитсонијан, попрецизно на Националниот музеј на американска историја, бил дониран од вдовицата на Пирсиг (кој почина во 2017), Венди, заедно со кожна јакна, мапи и други предмети поврзани со патувањето. Тој претходно стоел во семејната гаража, но неодамна е реставриран па сега може и да се вози. Ракопис од романот, како и потпишано прво издание од него се исто така дел од донацијата.

Со овој мотор Пирсиг поминал илјадници километри пат, по тежок период на опоравување од нервен слом и престој во психијатриска болница дијагностициран со шизофренија. Оттаму, моторот опишан во книгата е и сосема реален, но и симболичен - неговото „поправање“ или „одржување“ се однесува подеднакво и на душата. Патувањето се одвивало во придружба на неговиот тогаш малолетен син Крис и на двајца пријатели. За жал во 1979, Крис е фатално прободен со нож при грабеж токму пред зен центарот во Сан Франциско, на 22 години. По ова Пирсиг пишува уште само една книга, „Лила: испитување на моралот“ која беше номинирана за Пулицеровата награда. Во неа Пирсиг повторно опишува патување, но сега со брод, долж реката Хадсон.

Букбокс некролог за Пирсиг

Осврт за „Зен и..“

Целата книга за слободно симнување (македонско издание)

Патот по кој некогаш ќе одиме:

26 декември 2019 - 15:14