Модата на шпицерајќи виновна за деформирани стапала во средниот век

Ексцентричните средовековни чевли со долги шпицести врвови, до доцниот 14 век толку ги деформирале нозете на неговите поданици, што англискиот крал Едвард морал да донесе закон - шпицот да не смеел да биде подолг од 5 сантиметри.

„Кокалче“ или Hallux valgus е вид деформитет на стапалото, закостеност на ткивото под палецот, кој најчесто се случува од носење несоодветни обувки.

Археолошките наоди од Англија во 14 век покажуваат дека тогашната мода го предизвикувала ова искривување, со оглед на тоа што сите типови чевли биле барем малку на „шпиц“, дури и кај децата. Нова студија под наслов „Фенси чевли и болни нозе: халукс валгус и ризикот за фрактури во средовековен Кембриџ, Англија“, објавен во Меѓународното списание за патологија, покажува дека кај 27% од скелетите закопани на врвот на модата на шпицерајките (14-15 век) имале халукс валгус. За споредба, кај скелети кои биле закопани помеѓу 11 и 13 век овој процент бил само 6%.

Секако, не сите имале пари за чевли, и тоа за такви кои биле последен (болен) крик на модата. Најчест деформитет се појавувал кај августинските католички монаси и богатите градски жители. Тоа што сиромаштијата не можела да си купи чевли во оваа смисла било благослов, бидејќи нивните нозе биле поздрави. Иронично е што средовековните документи покажуваат дека католичката црква постојано ги предупредувала верските лица, особено монасите, да не трошат пари на модерни чевли, ракавици, шапки и појаси. Но барем во Кембриџ, монасите не послушувале.

Со оглед на значењето на палецот во одржување на рамнотежа на целото тело, особено кај постарите од 45 години, носителите на ваквите чевли страдале и од скршеници.

Во 20-тиот век шпицерајките се враќаа на неколку пати, па можно е некои идни археолози да ги споредуваат наодите од 14ти со оние на нашите современици. И да заклучат дека „трпи бабо (понекогаш и дедо) за убавина“ не се исплати.

14 јуни 2021 - 21:13