Млеко од кобила и оговарања: како живеел Толстој додека ја пишувал „Ана Каренина“

На почетокот на 1870-тите, успехот на Толстој после објавувањето на „Војна и мир“ бил уште свеж. Тој бил свесен за високите очекувања од неговото следно дело. На него ќе потроши цели четири години, во тек на прилично турбулентен период од приватниот живот.

„Пишувајќи ја Ана Каренина“ на Боб Блејсдел (Bob Blaisdell) е повеќе дело на голем фан на авторот, отколку на фактот дека тој е професор по англиски и книжевност. Тој научил руски за да може да ја прочита во оригинал, откако 20 пати претходно ја имал прочитано на англиски. Идејата на неговата книга е да се разбере атмосферата во која Толстој ја пишувал „Ана Каренина“, што му се случувало во животот во тој период, и како тоа евентуално влијаело врз нејзината содржина.

Во текот на 1870-тите Толстој имал туберкулоза и пиел огромни количества „кумис“, ферментирано млеко од кобила. Пишувал остри повици за аграрна реформа, учел старогрчки со помош на свештеник и се обидувал да најде гувернанта за своето семејство кое брзо растело. Ова последново било особено итно. Во едно писмо до пријател тој преколнувал: „Националноста не е важна: Германка, Французинка, Англичанка, Русинка - сè додека е Европејка и христијанка. Плата, сè што можам да дадам“. Можеби токму ова го натерало да ја отвори „Ана Каренина“ со приказна за куќа која се распаѓа затоа што гувернантата е отпуштена.

Ова не е студија во вистинска смисла на зборот, туку повеќе збир на навидум тривијални податоци кои можеби сепак извршиле книжевно влијание. А и како не би извршиле, ако станувало збор, на пример, за посета во текот на денот на некој кој имал да пренесе интересни гласини или оговарања? Таквите муабети се надоврзале на подлабоките идеи на ова дело во врска со моралноста и страста, вградувајќи се како парчиња во мозаикот на трагичните околности опишани во него.

Инспирацијата за ликот на Ана се смета 37-годишна жена по име Ана Степанова, која работела како домаќинка во куќата на еден од соседите на Толстој. Таа и нејзиниот сопруг постојано се расправале во врска со неговите флертови со гувернантата. На крај таа била толку обземена со љубомора што се фрлила под воз. Но претходно му испратила писмо кое наводно гласело: „Ти си мојот убиец - ќе бидеш среќен со неа само ако убијците можат да бидат среќни. Ако сакаш да ме видиш, моето тело е на пругата Јасенки“.

Толстој самиот ја набљудувал аутопсијата, и според неговата сопруга бил „особено потресен“ по смртта на оваа висока и маркантна жена, руска по лик и карактер, бринета со сиви очи - не убава, но атрактивна. Епизодата се случила во 1872, една година пред Толстој да ја напише првата верзија на книгата, во која Ана има...сиви очи.

Книгата ја напишал иако постојано некој му пречел - познаници, одење на лов, судски процес во кој морал да учествува како порота, па дури и некаков сликар кој бил испратен од галеријата Третјаков од Москва да му направи портрет. Но неговите уши биле сепак отворени за интересни приказни кои вклучувале убиства од страст или самоубиства. Секако, тој не ги пресликал од збор до збор, но ја анализирал психологијата на оние кои учествувале во ваквите настани, за да создаде едно од најпознатите дела на светската книжевност. За кревката (руска) душа на жената со сиви очи.

извор

25 август 2020 - 19:12