Јерговиќ за серијата „Црно-бел свет"

Митот за осумдесетите

На ХТВ е во тек серија којашто зборува за загребската сцена од ’80-тите. Нивните медиуми се полни со главно негативни коментари на разни „експерти" и живи сведоци на тоа време, кои тврдат дека серијата не чини, дека ништо во неа не е „веродостојно".

Јерговиќ прашува - зошто неговите современици реагираат како тука да се работи за документаристика од највисок ранг? Кои се вистинските „господари на сеќавањето", кои треба да ни кажат што било, а што не било важно, за не толку дамнешен период, кој истовремено бил дел и од нашата лична, интимна историја?

Кој знае како би изгледале реакциите да се сними македонска верзија на ваква серија...

***

Како што црногорските селани го колнеа Михајло Лалиќ, затоа што во „Лелејска гора" или во „Свадба" прикажал настан од Народно-ослободителната борба поинаку отколку што тие го доживеале, така и овие денешните, додуша не селани туку загрепчани, се гневат на авторите на „Црно-бели свет" затоа што тие својата приказна ја раскажале не водејќи сметка за документарната прецизност на драмските сцени. Ниту ним, како ни на земјаците на Лалиќ, носителите на Партизанска споменица од 1941, не им е гајле што играните ТВ серии и романи не се исто што и полициски записници, новински извештаи, црковни хагиографии. Ниту тука би требало да биде токму онака како што било во реалноста, а уште помалку би требало да биде онака како што е во сеќавањата на хероите. Црно-бел свет е солидна, за хрватски прилики сјајна серија, лесна, уредна и повремено духовита, која после педесетата епизода, да речеме во четвртата сезона од прикажувањето, би можела да стане и многу сериозна. Но четврта сезона нема да има.

Она што им се замерува на авторите е и ова: го фалсификувале, лажно го прикажале духот на осумдесетите. Тоа го велат господарите на сеќавањето. А каде се издава сертификат на спомени, тоа не се објаснува. Едни би да се сеќаваат на удбашките прогони, Голи Оток и едноумието, па на авторите на серијата им замеруваат што тоа го нема во „Црно-бел свет". За другите Звечка (култна кафе-слаткарница, собиралиште на музичари, актери, новинари) и Кулушиќ се храмови од добата на Перикле, на културниот процут, на граѓански слободи и политичкиот либерализам, па им пречат непрецизностите. На првите им оди на нерви тоа што авторите целосно го изневериле духот на нивните накнадно креирани спомени, на другите, главно, тоа што авторите раскажуваат некоја своја приказна, наместо да поведат сметка за консензуално прифатената колективна емоција и фактографија примерена на некој ситен реализам и провинциско доживување на светот, за којшто е важно Звечка да биде таму кадешто била, а не десет метри подолу.

Обата погледа на осумдесетите се по нешто многу слични: тие ги колективизираат спомените, приватната приказна ја сведуваат на стварни или замислени политички околности. И во тоа се слични на црногорските првоборци: и тие на Лалиќ му замеруваа затоа што бил немарен кон нивниот ситен реализам и кон колективното сеќавање на револуцијата, кое било сочинето токму од такви, ним толку важни детали - дали Звечка била таму кадешто била?

Лично говорејќи, во серијата не видов ништо од моите осумдесети. Можеби затоа што не ни очекував да видам такво нешто, или затоа што осумдесетите во Загреб доаѓав најдолго на седум денови, а растев и живеев во друг град? Но работата е сепак во тоа што гледачот (читателот) во некој филм (или роман) евентуално може да се идентификува со некој лик, но уште од Сергеј Бондарчук и Михаил Шолохов сериозните раскажувачи немале амбиција да го наведуваат да се идентификува со епохата. За која и епоха да станува збор, таквата идентификација била застрашувачка, затоа што некаде во нејзината позадина морало да има прислушни уреди, тајни служби и тенкови со запалени мотори. Одбивањето на колективната идентификација се казнува со логор.

Ова што ќе го кажам понатаму треба да се сфати како лична приказна, која со другите, исти такви лични приказни може, но и не мора да има врска. Осумдесетите беа мрачно време. Многу се умираше, а највпечатлива останува смртта која настапи рано наутро, на 6 јуни 1986. Беше очекувана, стигна во петок, а во сабота е објавен погребот. На телевизија почнуваше Светското првенство во фудбал, кое требаше да се одигра во Колумбија, но преместено е во Мексико. По таа смрт во мојот живот сè се промени, имав дваесет и нагло остарев. Велат дека човек старее кога ќе му умрат родителите. Не е така, затоа што тие ми умираа четврт век подоцна.

Осумдесетите петнаесет месеци служев воен рок во ЈНА. Бев во Книн и на Ластово. Искуство. нешто помеѓу затвор и лудница. И денес сонувам дека утре излегувам, а од касетата ми ја украле сета опрема, па не можам да се раздолжам. Се будам во смртна пот. Тоа се за мене осумдесетите.

При крај на 1986 ме испрашуваа во Службата за државна безбедност, затоа што бев на роденден кај пријателка. Весниците за нас пишуваа како за млади нацисти од добростоечки куќи. Четврт век подоцна некои раздолжени безбедњаци, да не речам удбаши, денешни патриоти, хрватски националисти, со сласт пишуваа и зборуваа за тој настан, нарекувајќи нè повторно - млади нацисти од добростоечки куќи. Слатко им се смеев на нивните доушнички писанија, затоа што веќе не бевме во осумдесетите. Всушност, јас веќе не бев. Во она време бев наивен, уплашен, осамен и несреќен. Мислам дека веќе не сум уплашен и несреќен. Следната година ми беше забрането објавување, а потоа времињата се убрзаа, па на сето тоа се заборави. Заради тој роденден можев да бидам исфрлен од Сојузот на комунисти на Југославија, но не бев член, па не можеа ни да ме исфрлат. И тоа беа осумдесетите.

Тие години прележав разни болести. Ниту една не беше тешка, но сите долго траеа. Осумдесетите се стеснуваше просторот на моите животни очекувања и надежи. На почетокот, во 1980 сè беше можно, имав четиринаесет и веќе бев панкер. На крајот, последните денови од 1989, ништо веќе не зависеше од мене. Колективите одлучуваа за судбините на поединците. Се спасуваа само оние кои тогаш заминаа далеку од Југославија, и не се враќаа повеќе. Она што јас го мислам, и заради што ми е малку морничава идилата на осумдесетите, е дека војните од деведесетите се работа на историски, културен, општествен и животен континуитет во однос на претходниот период. Памтам стих од песната кои во деновите на Титовата смрт ја напиша сараевскиот поет Велимир Милошевиќ: „Титовото идно доба го градевме со Тито". Честитиот Вељо, кој во градот ќе ја преживее годината на опсада, очекуваше некое поинакво време, но ја погоди вистината. Би бил посреќен да го промашеше сето тоа.

Осумдесетите се напишани некои големи романи, снимани се филмови и телевизиски серии, беше тоа време кога рок музиката беше важна. Осумдесетите во метафоричка смисла се протегнаа од Мирослав Крлежа до Џони Штулиќ, но ни Крлежа ни Штулиќ не се - осумдесетите. Тие немаат ништо со моите детски болести, со моите петнаесет месеци помеѓу лудница и затвор, а немаат ништо ни со пророчките стихови на еден сараевски поет. Календарски факт е дека сите тие книги и сите тие филмови биле создадени во тоа десетолетие, но осумдесетите сепак беа нешто друго (Не заборавајте дека зборувам во мое име). Осумдесетите се она што од тие осумдесетите настана подоцна.

Да, секако, и јас сум носталгичен по нив. Носталгијата е мојот градбен материјал. Но од каде тоа дека носталгијата е копнеж по времето пред еденското прогонство? Носталгијата е жал по мрачната младост.

Миљенко Јерговиќ