Историско-политички трилер

Mистеријата на збирката на Ерих Шломовиќ

Неодамна, во саботниот печатен додаток за култура на српска „Политика" (пријател ни ги собира и ни ги дава топтан) излезе долг текст, во две продолженија, посветен на случајот Шломовиќ и неговата славна збирка уметнички дела, во која најинтересниот артефакт е всушност една - тетратка.

Целата приказна е сложена, со шерлок-холмсовски пресврти, историски премрежја, политичка и потенцијално криминална заднина, и како таква звучи идеално за филм. Токму со тој мотив Миодраг Ќертиќ, соработник на Политика и режисер на таков филм во изработка посветен на Шломовиќ, тргнал во потрага по вистината за фамозната колекција.

Кој бил всушност Ерих Шломовиќ?

Роден во Ѓаково во 1915, во еврејско семејство, во 1930-тите родителите го испратиле во училиште за момчиња во Кан за да го усоврши францускиот. Уште тогаш покажувал огромен интерес за уметноста и сонувал да стане колекционер како неговиот идол Амброз Волар, човекот за кого велат дека ги „открил" големите француски уметници на 20 век. Ерих бил толку импресиониран со Волар што кога имал само 13 години му напишал писмо во кое изјавил - „Сакам да бидам како вас".

Подоцна тој навистина се спријателил со Волар (според некои бил и во љубовна врска со него), и преку него ги запознал најголемите уметници на епохата, вклучително и Пикасо, Матис, Кокто. Заедно успеале да соберат импресивна збирка, чиј број се проценува на 600. Освен уметничките дела, Шломовиќ имал и своја тетратка, некој вид споменар под име „Колектанеа", во која на 132 страници имало цртежи, акварели, песни и мисли на голем број уметници со кои тој доаѓал во контакт. Волар погинал во сообраќајна несреќа во 1939, а нацизмот чукал на вратата на Франција, па Шломовиќ ја направил веројатно најголемата грешка во животот - се вратил во Југославија, оставајќи во сефот на банката Сосиете Женерал во Париз околу 200 уметнички дела, а останатото го испратил со дипломатска пошта во Белград.

После неколку преселби, залудно обидувајќи се да ја избегне судбината на Евреите во Србија, 27-годишниот Ерих и неговиот брат Егон во 1942 биле убиени во концентрационен логор во Ќуприја. Сликите кои ги чувал во сандак со негови иницијали се спасени и подоцна наводно донирани во Народниот музеј во Србија. Оние пак во банката во Франција се откриени во 1980, кога таа според правилата имала право да го отвори сефот, затоа што подолго време никој не се појавил да плати за неговото одржување.

Од тогаш темата „Шломовиќ" на неколку пати се актуелизира во српските и француските медиуми, снимен е и филм на Вељко Булаиќ под наслов „Донатор", а Момо Капор има напишано и книга „Досието Шломовиќ". Но последниот текст во Политика (од 20 и 27 јуни) оди чекор напред во разоткривањето на сите сплетки, особено оние во кои учествувал и самиот Народен музеј, каде очигледно се случува(ло) нешто чудно. Прашање е колку „доброволно" била предадена колекцијата - најверојатно била одземена од тогашната УДБА, при што некои од делата едноставно исчезнале од моментот на одземањето до моментот на регистрирањето во музејската збирка. Клучен аргумент за ова е изјава на познатиот српски писател Давид Албахари и неговата сестра, чија мајка била блиска пријателка со мајката на Шломович, Роза. Двете во 1944 тргнале со воз да му ја предадат збирката на Иван Рибар, тогашен висок функционер на новата власт, во замена за стан и доживотна издршка. Но возот се судира со друг воз, и Роза умира, а Мара Албахари го спасува сандакот кој подоцна, во 1948, од дома ѝ го одземаат агенти на УДБА, заедно со личните предмети - подароци од семејството Шломовиќ.

Од друга страна, Народниот музеј во Белград е необично молчалив на темата, а збирката Волар/Шломовиќ од (наводно) четиристотини дела никој не ја видел повеќе од една деценија, затоа што постојаната музејска поставка е затворена од 2003. Новинарот на „Политика", кој објавува и дел од преписките со вработени во Музејот, се сомнева во малверзации, особено затоа што Музејот не ја спровел како што треба тн. „провениенција", односно проверка на потеклото на артефактите, за кои доколку има сомнение дека се набавени на нелегален начин треба да се започне истрага преку надлежните органи. Каталогизацијата на збирката во Музејот трае цели десет години (од 2000-2010) со пари од буџетот на Република Србија, но јавноста никогаш не е информирана што се случува со проектот и кои се неговите резултати.

Во целата приказна најзагадочна останува токму „Колектанеа", која добива статус на Кајзер Созе на артефактите - сите знаат дека постои, некои се колнат дека ја виделе па дури и поседувале, но единствената фото-копија во Музејот ја нема. Целата збирка на уметнички дела се проценува на повеќе од 200 милиони евра. А вистината за неа, како и за спомнатата тетратка, можеби ќе ја дознаеме кога ќе се сними филмот (или кога конечно ќе се отворат депоата на Музејот).

Повеќе за Шломовиќ на сајтот посветен нему