Мислите ли дека од вашиот живот би се направил добар роман?

Според нова студија, повеќе од половината Американци мислат дека во нив чучи идеја за роман, иако никогаш не се обиделе да го напишат. Најголемиот проблем, според нив, е „писателската блокада“ или немањето слободно време. Поинтересно е што ликот што ги фасцинира и за чиј живот би пишувале е токму нивниот.

Неодамнешно истражување кое вклучувало 2.000 учесници од САД открива дека 15% од нив се нафатиле да пишуваат книга, а само 6% откако го сториле тоа стигнале до повеќе од половина. За споредба, 24% од учесниците успешно завршиле песна, три пати повеќе од оние кои успеале да финализираат роман (8%). 

Најголемата пречка, како што велат 33% од прашаните, е да се дојде до инспирација или до добра идеја - ова е посериозна причина од немањето слободно време (26%) или перфекционизмот (16%).

Оние кои се откажале од писателска кариера велат дека тоа е затоа што не можеле да смислат добар крај на книгата (40%), или им здосадила сопствената приказна или ликовите (36%). Тројца од петмина сметаат дека е полесно да се напише книга за млади или за деца отколку некој друг жанр. Сличен процент (62%) верува дека овие книги се поедноставни за пишување бидејќи се пократки и затоа што децата се полесна читателска публика. 

Интересно е што повеќе од половина од испитаниците сметаат дека нивниот живот е доволно интересен за да стане книга или филм. Истиот број на Американци себеси се гледа како интересен лик, без оглед дали тие би ја пишувале книгата или некој друг. А „некој друг“ според нив би можел да биде ни помалку ни повеќе туку Џ. К. Роулинг или Стивен Кинг. 

Во филмските адаптации на нивните животи учесниците изјавиле дека би сакале да ги играат Мелиса МекКарти, Џенифер Лопез или Сандра Булок, односно Ал Пачино, Дензел Вашингтон или починатиот Чедвик Боузман. 

Анкетата е спроведена од OnePoll воочи Националниот месец на пишување романи во САД. 

извор

15 ноември 2021 - 07:58