Милан Кундера: Џинот од Брно и маргиналецот од еден париски стан. И обратно.

Се случува, дури и не толку ретко, Нобеловата награда да ја добијат навистина големи писатели. Но, тоа не можат да бидат какви било писатели, туку такви кои се форматирани за Нобеловата награда да може да ги поднесе.

пишува: Теофил Панчиќ („Време“)

За него со децении секоја година се зборуваше дека е во „најтесен избор“ за Наградата, што не значи ама баш ништо, затоа што таков избор всушност не постои. Напротив, одамна стана јасно дека нема да ја добие, затоа што не ја имаше веќе добиено. Не затоа што тој се смалуваше како писател, туку затоа што се смалуваше и бледнееше како соодветен и подобен културен образец. Во светот кој исчезнуваше беше прогонет, во светот кој се создаваше беше мрзоволно игнориран. 

Не беше левичар, а особено не десничар. Не кокетираше со чегевари, чавеси и со останати егзотични кралеви во чии велепоседи не мораше да живее. Беше, а за тоа беше и прилично свесен и не се извинуваше, европоцентричен по конституцијата на својот дух и вкус, а во денешниот свет едвај е можно да се замисли потежок грев. Не беше роден поданик на која и да е империјална сила, па не се извинуваше ни за туѓиот империјализам.

Пишуваше, во обете земји и на двата јазика, за луѓе кои ги познаваше и онакви какви што ги познаваше, кои му значеа и кои ги пронаоѓаше во себе. Имаше сјајни и моќни женски ликови, но сепак беше над сè сурово прониклив писател на „приказни за машкото“. Веројатно тој и неговите јунаци премногу ги сакаа жените; не мислам само дека ги „почитуваа“ туку дека ги сакаа. „Татковината“ не ја воздигнуваше ниту ја плукаше. Својата втора земја и втор град ги користеше без егзалтација и без мрчење, како удобно засолниште за писател и како раскошна „кујна на идеи“, како што говореше неговиот помлад побратим Д.К.

Милан Кундера, џинот од Брно и маргиналецот од еден париски стан, и обратно, еден од најголемите писатели на втората половина на 20 век. Чешки, француски, светски. И секако југословенски. Ако сте живееле и сте го читале во Југославија, добро разбирате зошто.

извор

14 јули 2023 - 11:32