Букбокс гледаше

„Лавиринт на лаги" (2015)

Германски филм за франкфуртското судење од 1958 на оние кои учествувале во злосторствата во Аушвиц - прво од ваков вид спроведено од германски суд, не според меѓународното право туку според тогаш важечки домашни закони. И покрај моќта на темата, филмот сепак е прилично млак.

Едно од прашањата со кое се занимава филмот е: како е можно во 1958, по Нинбершкиот процес и објавувањето на Дневникот на Ана Франк, 20-годишник од Франкфурт никогаш да не чул за Аушвиц? Повеќе од десет години по крајот на Втората светска војна, Германија се обидува да се рехабилитира од сè уште свежиот пораз, голем број рани уште не се затворени, и тие според многумина не треба ни да се чепкаат.

Но еден правник од канцеларијата на јавниот обвинител, кој до тој момент се занимава само со казни за погрешно паркирање, е вовлечен во шокантната приказна за нацистичкиот логор на смртта, во која го воведува локален новинар. Иако со голем број пречки низ лавиринтот од лаги и пропаганда, но и со голема поддршка на главниот јавен обвинител, тој почнува да собира сведоштва на преживеани, и да апси осомничени, кои по војната живеат сосема спокојно како наставници, пекари или автомеханичари. Она што е важно е дека овие луѓе се обвинети не за „соучество во геноцид", туку за убиства, потешко дело според тогаш важечките германски закони. Обвинетите биле или членови на СС или привилегирани затвореници одговорни за контрола на затворениците на најниско ниво, вклучително и оние кои ја вршеле селекцијата веднаш по истоварувањето на возовите. Во текот на судењето кое траело речиси две години свои изјави пред судот дале 360 сведоци, од кои 210 преживеани од Аушвиц. Но само 22 членови на СС биле осудени од вкупно 8,000, колку што се претпоставува дека биле вклучени во раководењето и функционирањето на логорот, што од страна на обвинителството било оценето како неуспех.

Филмот, кој завршува со почетокот на судењето, всушност ја опишува атмосферата и перипетиите на младиот обвинител воопшто да ги донесе овие луѓе пред лицето на правдата, во ситуација кога тоа би бил прв случај самата Германија да суди свои граѓани за дела извршени во текот на војната. Но и за овој филм би можело да се постави истото прашање како и она на почетокот - како е можно после толкава продукција која се однесува на стравотиите на Втората светска војна, крунисана со „Синот на Сол", унгарскиот филм кој доби Оскар истата година кога е произведен и овој филм, режисерот се уште да не се осудува подлабоко да навлезе во лавиринтот за којшто самиот зборува, туку како да застанува на неговиот влез, само наговестувајќи ги неговите ужаси.

Освен една-две изјави на преживеани од логорот, во филмот нема ниту една фотографија, документарна снимка, или каква и да е назнака дека ова се нешта што навистина се случиле, сè до крајот, кога се наведени кратки податоци за понатамошниот тек на судењето и неговиот исход. На тој начин филмот повеќе личи на некаков трилер и лична, морална и практична борба на еден човек-херој, кој наспроти сè сака да ја докаже вистината, мотивиран, меѓу другото, и од сознанието дека и неговиот сопствен татко бил нацист. Не помага ни фактот дека во главната улога е атрактивниот Александар Фелинг („Неславни копилиња", „Хоумленд") - сцените кога во сон тој во некаков мрачен подрум полн делови од тела се среќава со Менгеле се едноставно ту мач.

Сепак, интересно е дека ова е единствениот филм некогаш снимен на оваа тема - Нинбершкиот процес и судењето на Ајнхман има добиено многу поголемо внимание во оваа смисла. Оттаму, дури и осреден филм е добар доколку преку него некој прв пат слушне за судење на германско тло на домашни злосторници, кое помогнало јавноста да се соочи со болните поствоени вистини.

1 август 2016 - 11:01