„Кучка“: нова книга за еволуцијата на женските животни

Што значи да се биде женско? Мајка, „понежна половина“, некој кој по природата на нештата е истовремено и кршлив и грижлив? Луси Кук, авторка на нова книга за женките во животинското царство, не мисли баш така.

Запознајте ги женките-лемури од Мадагаскар, нашите древни братучетки во светот на приматите, кои и физички и политички доминираат врз своите мажјаци.

Или женските парови албатроски, кои се здружуваат за да си го одгледаат потомството на Хаваи.

Мајките меркати во пустината Калахари, кои се најубиствените цицачи на планетата.

„Кучките“ од женки во новата книга под истоветен наслов на Луси Кук ги предизвикува бинарните очекувања од телата, мозоците, биологијата и однесувањето. Таа е британски зоолог образуван на Оксфорд, авторка на претходни бестселери и документарни филмови, истражувачка за Нешнл Џиографик и говорничка на ТЕД. Во нејзината нова книга, која излезе (соодветно) пред 8 март, таа нуди голем број примери, од женки пајаци кои ги јадат своите партнери, до риби кои го менуваат својот пол во зависност од потребите, и со тоа оди контра нејзиниот сонародник, Дарвин, кој на времето инсистирал на утврдените полово-родови улоги во животинското царство. Кај него женките се претставени како моногамни и пасивни; тие стрпливо чекаат нивните јајце клетки да бидат оплодени за потоа да се предадат на несебичното одгледување на потомството. 

Според Кук, само 7% од животинските видови се моногамни, што значи дека женките, од малите макаки мајмуни, до лавиците, копулираат со повеќе партнери во текот на сезоната на парење. Женките антилопи во саваните на Кенија се собираат на големи „турнири“, каде стотици женки се тепаат меѓусебно за тоа која од нив ќе се спари со алфа-мажјакот. Во две третини од рибните видови, „самохрани“ се татковците, кои се грижат за потомството, бидејќи нивните женки по репродуцирањето едноставно исчезнуваат. Некои видови патки имаат комплицирана вагинална анатомија која може да направи „брана“ во однос на спермата и да го контролира татковството и воопшто зачнувањето.

Книгата е резултат на тригодишно истражување, а заклучокот е дека женското искуство во природата е крајно варијабилно и подложно на промени, одбивајќи да се потчини на архаичните класификации. 

11 март 2022 - 09:58