Kраток филм за погребувањето

Како е да знаеш дека официјално си најдобриот копач на гробови? Не се опишува со зборови, велат победниците на овој необичен натпревар.

Во рубрикава сме пишувале за животот погледнат низ очи на различни професии (приказните за браварот, фотографот и поштарот тука). Но ваква досега сме немале.

Краткиот филм (6 мин) зборува за натпревар кој се одржува во Тренчин, Словачка, за титула најдобар копач на гробови. Организиран е од компанијата Стриж, семејна фирма која го работи бизнисот веќе четири генерации. Идејата била да се „нормализира“ оваа професија, која во Словачка (а и не само таму) е ставена на маргините, да се види дека и копачите на гробови се само (смртни) луѓе.

Правилата се едноставни: имаш парцела во која треба да ископаш 90 сантиметри широк и два метра долг гроб со стандардна опрема (ашов, копач). Се зема предвид брзината и квалитетот, како и финалниот дизајн (?!) на парцелата (нам ни беа сите исти). Наградените добиваат пехар, а кај нас веројатно би добиле и по некој пешкир.

Најдобриот момент во филмот е кога новинарска екипа присутна на натпреварот прашува еден од учесниците - „Како се одлучивте да станете гробар?“ Одговорот не се слуша, но се гледа неговото беспомошно ширење раце. Како бре некој одлучува да биде гробар?, како да сака да каже.

27 октомври 2017 - 15:28