Пред да почне да вирее не македонска почва

Кратка историја на „Американитис"

Пред повеќе од еден век, експертите сметале дека Американците премногу работат, што претставувало закана не само по нивното лично здравје, туку и по она колективното. Оваа појава била опишана со еден денес подзаборавен израз. 

Премногу стрес, премалку спиење, јадење на брзина, технологија која изгледа дека се менува побрзо отколку што можеме да излеземе на крај со неа. Ова сепак не се поплаки (само) од 21-от, туку и од далечниот 19-ти век.

Америка во тоа време ги имала токму овие грижи, па водечките мислители и доктори сугерирале дека легендарната работна етика и амбициозниот дух на жителите на САД е всушност форма на ментално заболување, коешто тие го нарекле „американитис".

Според Смитсонијан, потеклото на терминот е нејасно, но најверојатно го има смислено странец. Се спомнува во текст во медицинско списание од 1882, чиј автор е британски научник во посета на САД. Во книга од 1891, „Моќ преку одмарање" (Power Through Repose) од Ени Пејсон Пол, како автор на терминот се спомнува германски лекар. Сепак, најмногу со него е поврзуван познатиот американски психолог Вилијам Џејмс, којшто се фокусирал на него во својата критика на книгата на Пол.

Кога на некаква појава ќе ѝ ставиш вакво звучно име, таа (појавата) одеднаш почнува на сите да им боде очи, и да станува медицински легитимна - така „американитис-от" станал не само по звук, туку и по смисла, толкуван како заболување од типот на артритис, бронхитис и гастритис.

„Американитис" бил виновен за висок крвен притисок, запушување на артерии, срцев удар, малаксаност, па дури и лудило. Не само што заради електричните светилки работниот ден почнал да трае бесконечно долго, туку и тогаш новиот изум за комуникација на далечина направило луѓето да страдаат од „лажна итност".

Не поминало долго време, а американитис-от се проширил низ медицинските списанија и во секојдневниот говор, но и во книгите за самопомош. Така, извесен Орисон Свет Марден, уредник на списанието „Успех", напишал книга со наслов „Веселоста како животна сила". Во неа тој вели:

„Колку бргу Американците го цедат животот! Брзањето е втиснато во брчките на националното лице. Наместо да се грижиме за несреќа којашто не може да се предвиди, ајде со сета душа да се радуваме на непланираните благослови на идните денови".

Опседнатоста со „американитис" траела до кај триесетите на дваесетиот век. Во тие педесетина години тој бил обвинуван за сè и сешто - од зголемување на стапката на разводи, преку влошениот вид на средовечните, до - џезот како манифестација на болеста! И различни надрилекари ја виделе својата шанса во промовирањето на опасностите од неа. Американитис Еликсир ветувал и превентивно дејство - доколку им бил даван и на децата тие немало да станат деликатни, нервозни инвалиди. Меѓу другите состојки, лекот содржел 15% алкохол и малку хлороформ.

По 1930 „болеста“ веќе не била тренди, барем не во САД. Но тоа не значи дека не била третирана како увозна закана во други контести - овој текст од Њујоркер зборува за американитисот наспроти кинезитисот, иста таква снеможувачка болест којашто според кинеските психолози им се заканува на Кинезите.

Дали има опасност „американитисот" да стане „македонитис"? Иако тоа се уште не ни изгледа како сериозна закана, никогаш не се знае. Дајте од тоа еликсирот, со време. 

26 март 2015 - 08:57