Демоните како помагачи на науката

Обично етикетирани како „суеверија“, верувањата во зли натприродни суштества не се примитивни и ненаучни - тие се од суштинско значење за нашето разбирање на светот.

Во ноември 2020 излезе интересна книга од Химена Каналес под наслов „Ѓаволести: помалку позната историја на демоните во науката“. Во неа се доведува во прашање стереотипното уверување дека науката и демоните се на спротивни страни на оската на разумот. Научниците често користеле хипотетички суштества за да изведат мисловни експерименти, па оттаму овие мрачни „асистенти“ одиграле клучна улога во револуционерни научни и технолошки откритија.

Книгата опфаќа четири векови, од Рене Декарт, чиј демон можел да ја „киднапира“ сетилната реалност, до Џејмс Максвел, чиј демон голем колку молекула можел да го укине вториот закон на термодинамиката. Предвид се земени и Дарвин, Ајнштајн, Фејнман, и преку нив Каналес ја раскажува маргинализирината историја на науката и нејзините демони, кои овозможиле тестирање на границите на она што е можно и подобро разбирање на природата.

Злиот демон на Декарт, на пример, е суштество кое сета своја моќ и лукавост ја употребува за да нè измами. Тој ни претставува комплетна илузија за надворешниот свет, така што „небото, воздухот земјата, звуците...сите надворешни нешта се само соништа кои се измислени за да ни ја уништат моќта на расудувањето. Треба да сметам дека немам ни раце ни очи, ни плот ни крв ни сетила, туку дека лажно верувам во овие нешта“. Со ова тој се надоврзува на претходниците, алегоријата на пештерата на Платон, но визионерски ја предвидува и иднината, односно нашата сегашност, кога се занимаваме со виртуелната реалност и „матриксот“, прашувајќи се дали можеби сето ова што ни се случува и во контекст на пандемијата не е нечија морничава симулација.

Како е можно научниците, типично алергични на суеверија и сомничави кон каков и да е вид паранормална активност, да се занимаваат токму со вакви теми. Некои од нив (како Пјер Кири) посетувале сеанси за повикување на мртвите и, иако се занимавале со наука, сакале да ѕирнат и во светот вон неа и на тој начин да ги прошират и нејзините граници, со она што до тогаш било необјасниво и припишувано на магија.

Дури и во 20 век, кога многу нешта веќе биле научно објаснети и етаблирани, демонот како симбол и алатка се уште постоел. Кибернетиката, информатичката теорија, когнитивната наука, биологијата, економијата и социологијата, сите тие посегнуваат по некој вид демонологија кога треба да го објаснат она што се случува помеѓу луѓето. Така, раните истражувања од областа на вештачката интелигенција и конгитивните науки го замислувале умот како збир на ѓаволчиња, секој од нив одговорен за одреден церебрален процес.

Знаењето, заклучува Каналес, извира директно од нашето замислување на нереалното. Тоа е на половина пат помеѓу реалното и симболичкото, имагинацијата и иновацијата - на тоа место се случува, и уште долго време ќе се случува, размена и сплотување на фактот и фикцијата.

26 декември 2020 - 12:35