Подкаст во време на корона

Комичар, ексцентрик, боксер: приказната за исчезнатиот внук на Оскар Вајлд

Фабијан Авенариус Лојд, подоцна Артур Кревен, бил роден во 1887 во Лозана, а последен пат бил виден на брегот близу Салина Круз во Мексико во 1918. Помеѓу овие датуми, неговиот живот делува како материјал за филм.

На The Essay, подкастот на Би-би-си Радио 3, во 10 продолженија од по 15 минути, тече неверојатната приказна за Артур Кревен, „таткото“ на перформансот и на надреализмот, и внук на Оскар Вајлд.

Додуша, роднинската поврзаност со големиот британски писател (тетка му Констанц била мажена за Вајлд) Aртур ја открил прилично доцна, откако Вајлд веќе бил умрен. Што е голема штета, бидејќи доколку се сретнеле, тие двајца би биле неверојатно креативно дуо. Тоа сепак не го спречило внукот да напише текст под наслов „Оскар Вајлд е жив“, приказна во која тврдел дека oвој го посетил на 23 март 1913 (13 години по неговата смрт во Париз). На сторијата наседнал и еден Њујорк Тајмс, кој дури и го интервјурал Кревен на темата.

Уште во младоста тој се промовирал како ексцентричен поет и критичар, но неговата уметност пред сè се состоела од провокација. Организирал соло јавни перформанси кои го привлекле вниманието на дадаистите, па тие го „посвоиле“, иако тој самиот никогаш не се идентификувал со движењето. По почетокот на Првата светска војна, за да не биде регрутиран, од Париз избегал најпрвин во Шпанија, а потоа отпатувал за Њујорк, со истиот брод на кој бил и Леон Троцки, со кого се запознале по пат.

Од големиот број скандали, легенди и преданија поврзани со името на Кревен, една епизода сепак отскокнува. На 23 април 1916 во Барселона се одржал бокс меч, помеѓу него и Џек Џонсон, поранешен шампион на светот и првиот црнец кој ја добил титулата. Во спортски термини станувало збор за шест здодевни рунди, со оглед на тоа што однапред се знаело кој ќе победи. Но средбата помеѓу овие двајца боеми сепак имала многу поголемо значење од само спортско.

Џонсон сакал жени и брзи автомобили, и ја користел секоја можност од своите настапи да испрати антирасистички пораки, кои често предизвикувале и немири по неговите победи во рингот. И тој и Кревен сакале да ги испитаат границите на своите таленти, и во тоа за жал и успеале, во крајно физичка смисла - Џонсон починал во автомобилска несреќа во 1946, откако возел со голема брзина заминувајќи од сегрегиран ресторан во Северна Каролина, каде не сакале да го услужат. Кревен пак исчезнал со бротче во тек на бура во Мексиканскиот залив, за потоа да се појават бројни теории на заговор дека всушност ја лажирал сопствената смрт.

При нивната средба обајцата биле без скршена пара и во немилост. Џонсон бил обвинет за незаконски транспорт на (бели) жени преку американската граница „заради неморални цели“. Кревен пак бегал и од регрутација, и од сопствената репутација. Во Париз, како уредник на книжевно списание под наслов „Сега!“ кое го продавал возејќи пиљарска количка, плукал по тогашниот француски книжевен естаблишмент, до степен што поетот Гијом Аполинер го предизвикал на двобој. Всушност, неговиот план бил да замине за Америка, но со оглед на тоа што немал доволно пари, заглавил во Шпанија, каде сакал да заработи меѓу другото и со своите боксерски вештини. Притоа, не му пречело да биде натепан дури и од некогашен шампион на светот. Целиот меч требало да биде снимен а филмот потоа да се продава. За жал, тој не бил ни од далеку возбудлив, па целиот план пропаднал. Џонсон само рутински ја завршил работата, со тупаница в лице на сиротиот Кревен.

Целиот негов живот, комбиниран со подоцнежното исчезнување, од него прават романтичарски идол на различните авангардни движења. А овој подкаст го актуелизира неговиот подзаборавен лик. 

13 април 2020 - 17:30