Ајмо продуценти

Кој сака да биде поет-милионер?

Шоу од типот на Поп идол или Икс фактор, во кое учесниците пишуваат и рецитираат своја поезија, а 70 милиони луѓе со невидена возбуда ја очекуваат следната епизода. Не е кромид, ова навистина постои.

Веќе шест сезони во Абу Даби се снима шоуто „Поетот-милионер" во кое мажи и по некоја жена во традиционална облека се натпреваруваат во пишување стихови, во стилот на арапската поезија наречен набати. Жирито составено од стручњаци на темата, со повремено присуство на кралското емиратско семејство, ги оценуваат кандидатите според квалитетот на делата, но и според нивната изведба. Во гласањето учествува и публиката во студиото и онаа дома. И не само што на овој начин се афирмира поетската вештина, туку таа и богато се наградува - 27-годишниот Саиф ал-Мансури кој минатата недела победи во шестата сезона, однесе дома пет милиони дирхами, односно 1.3 милиони долари. Ова е практично единствената награда која според сумата ја надминува Нобеловата за книжевност, која изнесува 1.2 милиони долари.

Така, познатата изрека на Роберт Грејвс, според која „Нема пари во поезијата, но од друга страна нема поезија во парите", излегува неточна. Вообичаено поезијата се смета за нешто спротивно од шоу бизнис, а поетите, колку и да се славни, не се исто што и „обичните" поп ѕвезди. Едноставно пишувањето поезија би требало да е награда самото по себе, а не да биде мотивирано од пари. Од друга страна, нели е неправеден стереотип поетот да се замислува како прегладнет уметник, кој живее на таван и пишува на светлината на свеќите?

Ваквата асоцијација помеѓу материјалната беда и поезијата е стара со векови, а во нејзината основа е идејата дека вистината е онаму кадешто се тагата, бедата и алкохолот, а не онаму кадешто се парите. Но поезија пишувале и аристократи (Бајрон, Пушкин), како и кралеви и војсководачи. Емирите во арапскиот свет се исто така познати мајстори на набати поезијата, како првиот владетел на Катар, шеикот Јасим бин Махамад ал-Тани.

Нема причина зошто богатите поети не би можеле автентично да пишуваат за надежта, љубовта, загубата. Парите решаваат голем број проблеми, но тоа не ве спречува да имате емоционални трауми или да страдате на друг начин - велат оние поети кои мислат дека е подобро да живееш 100 години како милионер, отколку 7 денови во беда.

Ненадејната слава и богатството за поетите кои до сега победиле на шоуто значело повеќе време за пишување. Но некои од нив одеднаш немале што да кажат. Од друга страна, купувањето нова куќа и финансиската сигурност можат да значат повеќе раат за пишување. Шејмас Хини откако ја добил Нобеловата во 1995 се пожалил дека е под голем притисок на медиумите и дека нема концентрација да пишува, но од друга страна ја опишал неговата нова куќа во Ирска како „рај".

Од каде оваа наводна несовмесност на парите и поезијата? Производот на еден поет е нематеријален, и заради тоа е потешко тој да се „комодифицира", односно да се претвори во производ за широка потрошувачка. Поезијата му припаѓа на секој оној кој ја чита, а некоја добра песна често изгледа како воопшто да не бил вложен труд во нејзиното пишување. За роман од 600 страници се потребни години, а неколку стихови изгледа дека се напишани во еден здив. Ако потрошеното време е мерка за вредноста, тогаш стиховиве не вредат пет пари.

Поетите исто така зазираат од наплата на нивните настапи, поетски читања, па дури и работилници, а пак ако некој од нив се осуди да побара пари за ваквиот вид труд на тоа се гледа како на нешто во најмала рака необично, па и арогантно. Но затоа низ историјата големите поети знаеле да имаат и свои „спонзори" во чија чест составувале оди и пофалби. Ова шоу во Абу Даби и не е многу различно од ваквиот терк, бидејќи голем дел од песните се во чест на лидерите во Заливот.

Ваквата практика на спонзорирање поети во Европа речиси и да нема. Исклучок е акцијата „Посвои поет" на Меѓународниот фестивал во Ротердам, каде можете да помогнете во учеството на некој ваш омилен поет на настанот со спонзорирање на неговата авионска карта и престој. Нешто што впрочем Струшките вечери на поезија го прават со години. Но вистинско освежување би било шоу на нашите телевизии во кое парови, како во Танцот на ѕвездите, би се натпреварувале во составување хаикуа, сонетни венци или епски поеми во живо, па макар на тема одредена од спонзорот. Дали девојчињата би трчале и по награден поет со солзи во очите? Како што вели еден славен поет, „останува да видиме".

За да добиете впечаток како изгледа тоа:

3 јуни 2014 - 09:01