Кој ја поседува оваа реченица?

Нова книга се занимава со минатото и иднината на авторските права. Дали тие им се од корист на креаторите или создаваат нееднаквост, тоа зависи кому му е поставено прашањето.

Доколку Дизни беше уште жив, веројатно ќе беше шокиран од новата филмска улога која му е дадена на неговиот најпознат лик, Мики Маус, како убиец кој лови тинејџери во стара играчница. Трејлерот за „Стапицата на Мики Маус“ излезе на 1 јануари, денот кога истече авторското право за „Паробродот Вили“, филмот во кој прв пат се појави ликот на Мики, и со тоа тој влезе во јавен домен.

Дејвид Белос, професор на Принстон и Александар Монтегу, правник, се автори на нова книга под наслов „Кој ја поседува оваа реченица?“ во која изнесуваат и други примери на вакви драматични пресврти. Ова се случува поради тоа што „авторското право претставува збир зборови кои почиваат врз долга и сложена низа метафори и двојни значења“. Низ вековите уметници, автори, лобисти, издавачи и јавни функционери го имаат дефинирано и редефинирано значењето на авторското право, при што дебатите и правните промени се случуваат пред очите на јавноста. 

На почетокот, правото на авторот во однос на неговото дело било прашање на чест. Хермодор, студент на Платон, споделил белешки кои ги фаќал во текот на предавањата, што го разгневило Платон. Привилегиите (eтимолошки од privus - приватен, lex, legis - закон) им овозможувале на вештите занаетчии од Венеција во 15 век да имаат седумгодишен монопол над луксузните стоки кои ги произведувале. 

Нo авторите и уметниците не секогаш имале корист од овие права. Моќните издавачки синдикати ги третирале книгите како нивна сопственост и профитирале од продажбата на книги на Чосер, Милтон, Шекспир. Британскиот Статут на Ана, првиот закон за копирајт регулиран од владата и судовите наместо од приватни лица, стапил на сила во 1710 и им дал на авторите права врз нивните дела за ограничен временски период (иако книжарите и издавачите можеле да ги купат книгите пред истекувањето на правата и од тој момент засекогаш да ги поседуваат). Но со одлука на Домот на лордовите од 1774, со што повторно биле поставени ограничувања на авторските права, започнала ерата на модерните авторски права на Запад. 

Интелектуалната сопственост денес е главниот извозен производ на САД. Околу третина од 50-те најбогати луѓе ги добиваат своите приходи од авторски права. Некои креатори исто така добро заработија со продавање „на ангро“ на своите дела, како Брус Спрингстин, кој го продаде својот музички каталог на Сони во 2021 за наводни 550 милиони долари. Но други ја немаат таа среќа. Оттаму, како што велат авторите, авторското право е слонот во просторијата кога треба да се разбере потеклото на јазот во богатството во модерните општества. 

Денес, новата граница на оваа тема е генеративната ВИ. Писатели и уметници, веќе ја тужат вештачката интелигенција за нарушување на авторските права, барајќи да бидат компензирани и да можат да одбијат алгоритмите да бидат тренирани врз нивните дела. 

„Кој ја поседува оваа реченица?“ не предвидува каква ќе биде иднината, бидејќи никој не го знае ова со сигурност. Авторските права можеби ќе ја забават работата на компаниите кои се занимаваат со ВИ. Или, ВИ би можела да го „размрда“ постоечкиот систем и да бара нови жртви, како што тоа го прави новата инкарнација на Мики. 

24 јануари 2024 - 20:18