Нов филм на контроверзната тема

Кој го уби Пазолини?

Италијанскиот режисер, поет, филозоф, сликар и политички активист беше убиен на 2. ноември 1975. И денес, четири децении подоцна, сè уште не се знае точно кој го сторил тоа, иако се претпоставува зошто. Еден филм на годинешново Венецијанско биенале ќе се обиде да ги реконструира последните часови од неговиот живот и да укаже на неговите можни убијци.

Абел Ферара, американски сценарист и режисер, најпознат по независните продукции на филмови како „Кралот на Њујорк" и „Лошиот поручник", Италијанец по потекло, ќе го прикаже неговиот филм посветен на Пазолини на овогодинешното издание на Венецијанското биенале, на 4. септември. Пазолини го игра Вилијам Дефо, а филмот ги прикажува последните денови од животот на славниот поет и режисер. Јавноста, особено во Италија, е возбудена заради отварањето на темата, која со години ја интригира јавноста.

На Пазолини дури по неговата смрт му признаа дека бил визионер, но во текот на животот неговиот контроверзен лик, и исто такво дело - фрлена ракавица во лицето на лажниот католички морал - често предизвикуваа вжештени дискусии. Декларирајќи се како комунист, изјаснувајќи се против економската глобализација, сметајќи го конзумеризмот како врвно зло, и во локални италијански рамки критикувајќи ја културната доминација на северна Италија врз другите региони заради што во песните ги користел италијанските дијалекти, тој се ставил против политичката елита и десницата. Од друга страна во некои клучни политички мигови за земјата, како на пример бунтот на студентите од 1969 кога тие се соочиле со остар одговор од полицијата, Пазолини ги поддржал органите на редот, односно самите полицајци, за кои изјавил дека се вистинските пролетери во случајот, „тепани од арогантни татини синови кои имале среќа да се запишат на Универзитет". Гневот на левицата особено го навлекол кога се спротивставил на иницијатива за либерализација на абортусот во Италија.

Хомосексуалната ориентација го натерала рано да замине од Болоња во поголемиот Рим. Во 1963 ја сретнал „љубовта на неговиот живот", 15-годишниот Нинето Даволи кои подоцна глумел во неколку негови филмови (фото горе). Неколку од нив пак на крајно експлицитен начин се занимавале со сексуалноста („Декамерон" според Бокачо, „Кентербериски приказни" според Чосер), иако за најконтроверзен се смета „Сало" правен според „120 денови содома" на Маркиз де Сад, кој содржел дотогаш невидени сцени на сексуално насилство на филм, и денес е забранет во некои земји.

На 2. ноември 1975 Пазолини бил најден мртов, прегазен неколку пати со неговиот сопствен автомобил на плажа близу Рим. 17-годишна машка проститутка го признала убиството, но дури 29 години подоцна ја повлекол изјавата, велејќи дека луѓе со тежок јужњачки акцент кои го нарекувале Пазолини „валкан комунист" го натерале да признае бидејќи во спротивно ќе му го убиеле семејството. Други теории велат дека се работело за украдени ролни филм од „Сало" кој се снимал токму во тој период, и за кои Пазолини требало да преговара со крадците, кои наводно притоа го убиле. 

Но причините веројатно треба да се бараат во неговите изјави непосредно пред убиството - тој зборувал за телевизијата како особено опасен медиум, предвидувајќи го подемот на типови како медиумските могули кои стануваат премиери (читај: на Силвио Берлускони). Уште поконкретно, напишал серија колумни во Кориере дела Сера велејќи дека раководството на владеачката демохристијанска партија е под влијание на мафијата, и дека сите треба да се изведат пред суд, не само заради корупција туку и заради нивната поврзаност со нео-фашистичкиот тероризам, чии последици станале особено видливи по смртта на Пазолини. Сето ова се вклопува во објаснувањето на писателот Едуардо Сангвинети, кој смртта на неговиот колега ја нарекол „делегирано самоубиство" на садомазохист кој бил предодреден да се уништи себеси. Дека сепак некој требало да ја вози колата која неколку пати го прегазила, тоа е повеќе од јасно.

30 август 2014 - 10:17