Когa соло синхронизираното пливање било олимписки спорт

Да, добро прочитавте. Не бескраен ред на идентично облечени жени со штипки на носевите, кои прават слет во вода. Дури ни дуети, какви што има вообичаено на Олимписките игри. Туку една жена, синхронизирајќи се со самата себе.

Иако изгледа повеќе како лежерна балетска точка, на олимписко ниво синхронизираното пливање е крајно компетитивен спорт. Пливачи во дуо или во категорија од по осум жени се натпреваруваат за медал со експертски кореографирани движења. Но кога синхронизираното пливање било прв пат воведено како официјален настан на Олимписките игри во Лос Анѓелес во 1984, натпреварите се случувале во три категории: дует, осум жени и - соло.

Технички, она што се синхронизира во ваквото пливање не се (толку) пливачите меѓу себе, колку тие со музиката. Сепак, многу е потешко да се оцени способноста на само еден човек кога плива синхронизирано, отколку на цел тим. За некој што не е толку упатен, освен ако пливачот не почне баш да се дави, скоро и да нема начин да се знае дали тој (таа) прави нешто како што треба. Можеби токму ова било причината за тоа што синхронизираното соло пливање на Олимпијадите траело уште само три игри, до 1992. Тоа се уште постои вон Олимпијадите, со техничка и слободна уметничка програма, која главно се состои од акватски акробатски точки, превртени пируети и сл.

Според некои натпреварувачи токму самостојниот настап е она вистинското, што дава можност спортистот да се истакне со „уметнички впечаток“, тежина на движењата, но и да биде креативен во измислување нови начини на движење во вода.

Соло синхронизираното пливање нема да биде на програмата на Олимпијадата во Токио овој месец, но всушност таков вид пливање воопшто нема да постои. Причината е што тоа е прекрстено во „уметничко“, можеби токму заради забуната што може да ја создаде придавката „синхронизирано“. Исто така е интересно дека во овој вид спорт не е дозволено натпреварување на мажи. Во 2017 имало обид за вметнување мешани дуети во Олимпијадата 2020, особено поради популарноста на овој спорт во Јапонија, но тоа не поминало.

извор

9 јули 2021 - 15:48