Кога тајната полиција учела да пишува поезија

Нова книга покажува како источногерманската Штази формирала таен поетски кружок, обучувајќи го да пишува поезија, но и да влегува во главата на поетите-дисиденти, ловејќи ги можните сублиминални пораки искажани низ метафори и други форми на фигуративно изразување.

„Поетскиот штази кружок“ на Филип Отерман раскажува една досега непозната историја на источногерманските тајни служби, која делува како измислена. Самиот бил инспириран да ја истражи, откако водел сопствена поетска група за пензионери во дневен центар во Лондон. 

Станува збор за тоа како Штази во 1980-тите посегнала по поезијата како алатка за обука на своите вработени, држејќи им часови по литература на локација во Берлин која дури ја немало и на мапите. Тука поискусни во фината вештина на стихотворство ги обучувале сиротите агенти да ги користат пенкалата за пишување, наместо (барем така е во филмовите) како скриени камери или нешта од кои летаат затруени стрели. 

Водач на поетскиот кружок бил Уве Бергер, кој по долга потрага ја пронашол својата десна рака во Александер Руика, регрут одбран од елитна група потенцијални идни агенти. Она по што тој се издвојувал од неговите колеги била употребата на фигуративен јазик, вештината на ракување со метафори. За својата дотогашна поетска активност имал добиено и низа награди и бил објавуван во престижни книжевни списанија. Сепак, тој не бил баш без дилеми околу својата работа, на пример како да ја помири потребата за слободно изразување со идеолошките ограничувања на комунизмот. 

Така, кога во 1983 силите на НАТО извршиле проба на нуклеарна завршница на Студената војна, која била толку реалистична што советското разузнавање за момент се посомневало дека е вистински напад, на тајната локација во Источен Берлин биле создавани експериментални стихови во форма на „тек на свеста“, кои се чуваат во Германските федерални архиви. Стиховите со голем поетски жар зборуваат за „молњи кои активираат три американски ракети“, за потоа, по нов ред кој истовремено создава неизвесност но и е можен знак за олеснување, да продолжат со тоа дека станува збор за „метеоролошки ракети“, кои нема да посеат смрт и уништување туку само ќе соберат информации за ветерот и времето.

Ваквото пишување и дистрибуирање на пропагандна поезија почнало пролетта 1982, и траело до зимата 1989. Кружокот се среќавал еднаш месечно, од 4-6 попладне, во населбата Адлерхоф во Берлин. Тука се пишувало, но и се учело, за јамбскиот пентаметар, вркстените рими и сонетите на Петрарка. Вакви „лирски вечери“ биле одржувани и порано во административните ограноци на Штази, како форма на внатрешна пропаганда. Но ова било прв пат агенцијата да ја професионализира стиховната практика, што имало врска со погенералната културна војна која се водела внатре Источна Германија. 

Една од функциите на поетскиот кружок била обучените оперативци да навлезат во мистериозните умови на поетите-дисиденти и да откриваат „затскриени и сублиминални напади“ содржани во книжевните дела, особено изразени преку алегории, метафори и басни.

Но од кружокот произлегле и неверојатно елаборирани дела, како поема од 52 страници на агент по име Герд Кнауер, под наслов „Пукот“. Во неа, како и во другите творби, колку и да се труделе, авторите не можеле а да не ги искажат и сопствените стравови од она што се случува, но и да ја развиваат епската нарација во неочекувани правци. Така, во една од нив наратор е Одисеј, кој бега од нуклеарниот хаос во кула каде живеат големите филозофи, барајќи духовно водство од Платон, Хегел и Кант. Но тие не кажуваат ни збор. Само еден човек со дедомразовска брада станува од столчето, со израз на виновник:

„Карл Маркс се обидува да објасни
Го гледа Одисеј во очи
и со воздишка вели: Ова го прават поради мене
Но својата надеж ја ставаат на погрешно место“

Обидот од поезијата да се направи реално оружје на Студената војна бил толку неуспешен, што поетот кој бил донесен да им предава книжевност на агентите, самиот почнал да ги шпионира. А Штази пак, од своја страна, ја регрутирале неговата сопствена мајка да го кодоши. Но неговата поезија останала толку мистериозна што никој во Министерството за култура не можел да ја разбере, па изгледа затоа извлекол жива глава. 

3 март 2022 - 10:51