Кога сме почнале да го мериме времето во недели?

Седмицата или неделата е најскорешна од нашите мерки за време. Па сепак, денес е невозможно без неа да се замисли организацијата и на колективниот живот, и на индивидуалните активности.

Помеѓу големиот борј колективни откритија во текот на пандемиската изолација, голем број од нас сфатија колку се приврзани до седмичниот календар. Почнавме да се фокусираме не на часовникот туку на тоа кој ден е, не во смисла на датум туку на тоа кој ден е во неделата. ТВ станица од Кливленд воведе и дневна програма, која циркулираше и на интернет, под наслов „Кој ден е?“, а одговорот на тоа не беше датум од грегоријанскиот календар туку ден од неделата.

И Том Хенкс имаше добра забелешка во монолог на Сатрдеј најт лајв: „Нема веќе такво нешто како саботи. Секој ден е...денес“, како реакција на мемиња во кои сите денови беа нарекувани 'blursday' (магладен; неодредено, како низ измаглица), или ги преименуваа деновите во неделата како „овојден, онојден, другиден, некојден, вчера, денес и задутре“. Распадот на неделата бргу стана хумористично клише.

Ова искуство ја актуелизираше нашата врзаност со неделниот живот, при што работата од дома ја замати разликата помеѓу работен и неработен ден, помеѓу петок и викенд и понеделник или среда. А токму тоа, кој ден од неделата е, служи како моќна мнемоничка „котва“, можеби затоа што таа е највештачката од сите други поделби на времето.

Месеците се поврзани со некој природен процес, часовите со деноноќието (разденувањето и стемнувањето), а неделите имаат своја основа само во некаков човечки договор. Во некој момент во историјата сме одлучиле дека одреден број денови, и тоа седум, го одделуваат „денес“ од некој претходен момент. Да се каже „денес е петок“ е повеќе референца на тоа колку време поминало, и колку време има до одреден настан кој треба да се случи во иднина (на пример следниот петок), отколку да се реферира на позицијата на ѕвездите, годишното време, плимите и осеките, или климата. Она за што станавме свесни е дека ваквото означување има најмногу врска со навиките и ритуалите и со начинот на којшто функционира најголемиот дел од светот (на пример тоа дека „петок“ истовремено означува и почеток на викендот). Тоа може да има врска и со индивидуалниот распоред на активностите, како кога детето ни оди на спорт секој понеделник и среда, или ако секој ден недела одиме на ручек кај родителите. 

Но зошто токму 7 денови? Иако има разни теории, најголемото влијание е извршено од страна нa старогрчката и римската култура, кои ги идентификувале деновите преку седумте небесни тела кои можеле да се видат од Земјата. Така недела е ден на Сонцето, понеделник е на Месечината, вторник бил на Арес или Марс, среда на Хермес односно Меркур, четврток на Ѕевс односно Јупитер, петок на Афродита односно Венера, а сабота на Кронос односно Сатурн.

Асоцијацијата на ваквото именување е очигледна и во голем број современи јазици, на пример во италијанскиот, францускиот, но и во ирскиот, албанскиот, па дури и во јазиците на индискиот потконтинент, каде наместо античките божества се користат локалните (на пример среда се вика будбар на бенгали). Разликата помеѓу културите повеќе лежела во тоа што се прави или што не смее да се прави на одреден ден од неделата (на пример еврејскиот шабат - забраните кои важат за денот сабота). 

Постоењето на седумдневен ритам влијае врз начинот на организација на работните места, на образованието и на економијата. И убаво е после петдневна работна недела човек да одмори ден или два. Со интрузијата на технологијата која постојано држи на штрек и вознемирува и во тие денови, се наметнуваат правила за работодавците во одредени земји или институции да не смеат да ги вознемируваат своите вработени вон работното време и во деновите за одмор, како на пример во Франција каде ова е издигнато на ниво на законска обврска. 

3 декември 2021 - 11:00