Кодирани огласи во весници - пораки за патници и тајни љубовници во викторијанска Англија

Во средината на 19 век, во британските дневни весници од време на време се појавувале огласи кои делувале како бесмислици, или како словослагачот во печатницата да дошол на работа пијан. На криптолозите им требало долго време да откријат за што станувало збор: некои од нив биле пораки од семејството до конкретен патник и истражувач, а други очајни повици од тајни љубовници.

На 1 октомври 1851, помеѓу платените огласи во лондонски „Тајмс“ се појавило нешто што изгледало или како тотална бесмислица. 

No. 16th.—S. lkqo. C. hgo & Tatty. F. kmn at npkl F

Ова сепак не бил прв ваков оглас. Помеѓу 1850 и 1855, весникот објавил повеќе од педесетина слични текстови, секогаш некаде околу први во месецот. Кој ги пишувал кодираните пораки и кому? Дали нивната цел била некој воопшто да ги види? И, што е најважно, што воопшто значат?

Неодамнешен проект на криптологот Елонка Дунин се однесувал токму на овие енкриптирани викторијански огласи. Според нејзините наоди, огласот погоре се однесувал на некој Ричард Колисон, кој во тоа време талкал по канадскиот Арктик обидувајќи се да разреши една мистерија од средината на 19 век, која се однесувала на исчезната експедиција предводена од сер Џон Френклин. Британската морнарица му дала задача на Колинсон да ги пронајде и Френклин и двата исчезнати брода, „Терор“ и „Еребус“, кои никогаш не се вратиле по обидот да го лоцираат северзападниот премин во 1845. 

39-годишниот Колинсон тргнал во јануари 1850 со два брода под негова команда, кои се разделиле околу Алеутските острови на Аљаска и никогаш повеќе не се сретнале. Ова било голема фрустрација за Колинсон, делумно и затоа што на другиот број се наоѓал единствениот преведувач на експедицијата. Ова ја отежнало неговата комуникација со Инуитите кои се мачеле да му објаснат дека треба да оди кон островот Крал Вилијам, каде имало голем број докази за експедицијата на Френклин. „Загубен во преводот“ Колинсон никогаш не стигнал таму. Во текот на петгодишната мисија тој имал и големи меѓучовечки проблеми со посадата, која често завршувала во самица поради навреди упатени кон него. Иако подоцна морнарите сведочеле дека тој одлично се снаоѓал и низ тешки води, сепак обидот да ја лоцира експедицијата бил тотално неуспешен. Подоцнежни походи успеале да докажат дека бараните бродови заглавиле во мраз, а ситуацијата била толку тешка што помеѓу посадата завладеал канибализам. 

Во текот на своето патување, Колинсон не можел да вести од своето семејство во Англија, што не било необично за долга и оддалечена експедиција. Предвидувајќи дека директната комуникација ќе биде тешка, Колинсон измислил код користејќи вообичаен прирачник за сигнализација на Кралската морнарица, заменувајќи букви со бројки. Неговото семејство го искористило ова за да праќа енкриптирана месечна порака преку „Тајмс“ во текот на неговото отсуство. 

Поради империјалистичкиот дофат на Британија, тиражот на весниците во тоа време ги надминувал границите на државата, што значи дека Колинсон хипотетички можел да стигне до примерок во кое и да е странско пристаниште. Сепак, на Арктикот тој немал таква можност - првиот оглас којшто го видел бил кога се закотвил во Банјуванги, Индонезија, на пат кон Англија на крајот од 1854, кога прочитал четири од нив одеднаш. Подоцнежните декодери на пораките се надевале дека во нив ќе најдат битни историски информации, но таму имало само вести за раѓања, смртни случаи, склопување брак и слични настани во семејството. Првите огласи биле декриптирани во 1990-тите, а последните ги декриптирала спомнатата Дунин. Во нив извесна Маргарет го родила својот шести син, поранешен премиер доживеал фатален пад од коњ, некој се вратил од друга арктичка експедиција. Очигледно тука немало ништо тајно, па тогаш зошто толкав напор за кодирање?

Одоговорот е во тоа дека викторијанците биле многу претпазливи во однос на својата приватност, и внимавале што ќе кажат во разговор, а камоли што ќе објават во весник. Истовремено, кодирањето значело штедење пари, односно скратување на текстот (весниците наплаќале по збор).

Ова сепак не бил единствениот пример за кодирани огласи во тоа време. Тука имало и љубовни писма, а најчеста енкриптирана порака била - „Одговори ми! Те молам! Ми немаш пишано и сум изваден(а) од памет“. Еден анонимен маж имал нарачано повеќе од дваесет вакви пораки во тек на две години. Во првата се колнел дека веќе нема да ја контактира својата сакана доколку таа не му одговори а потоа една недела подоцна повторно објавил оглас во кој ја моли да каже нешто, што и да е. И така две години. А можеби таа едноставно не читала „Тајмс“.

извор

16 август 2022 - 18:40