Можете да ги мирисате, допирате и..јадете

Книги за сите сетила

Има книги кои без оглед на содржината, се убави. Мат пластифицираната корица некако лизга под дланка, хартијата е благо рељефна и ги дразни јаготките на прстите, мириса на печатарска боја, на складишта во предградијата и на оние кои ја читале пред тебе. Ама има книги кои се намерно правени да бидат сетилни.

 

 

Проектот „Книга на тактилна типографија" (горе) е истражување на допирот во графичкиот дизајн, и нејзина цел е да покаже како допирањето може да ја смени нашата перцепција на дизајн, создавајќи неочекувани и пријатни искуства. Книгата е всушност песна на Тед Хјуџ, „Приказна за добра ноќ", а материјалите за книгата се оние кои вообичаено се користат во печатарските техники. Иако се дводимензионални, ефектите се многу силни.

„Книгата која расте"е дизајнирана така за од неа да никне нешто што читателите ќе го посадат во кутивчињата од страна, со помош на 8 мали ЛЕД диоди, кои истовремено служат како лампи за ноќно читање. Внатре има страници за документирање на книшкото градинарство. А најдобрата вест е што целиот дизајн е биоразградлив.

Fully Booked e серија интерактивни, тактилни книги, составени од онакви тридимензионални страници и необични материјали - една од книгите се рецепти напишани на реални тестенини, кои ако сакате можете да си ги сварите.

Компанијата Ленд Ровер (што ги прави џиповите), во соработка со агенцијата Young&Rubicam Dubai направила прирачник за опстанок во пустина, кој содржи совети како да изградите засолниште, да сигнализирате за помош, да ловите птици..Но ако ништо од сето тоа не помогне, можете да го изедете самиот прирачник! Направен е од хартија која може да се јаде, металниот подвез може да се искористи како алат, а пакувањето кое рефлектира светлина за да се испраќаат сигнали.

Booktrack е апликација за синхронизирање на музика со е-книги. И не само музика - звучните ефекти и амбиенталната врева се прилагодува на вашата брзина на читање и на тој начин го збогатува вашето доживување.

Марта Хајдене позната по нејзините книги кои се одвиткуваат како хармоника. Меѓу нив се издвојува „Дамки од кафе" која ги промовира здравствените придобивки од пиењето на оваа течност, и тоа на хартија направена од остаток од кафе, на 22 страници дигитално двострано печатење. Чини само 250 долари.

Ако издржите да не ја изедете, оваа книга може да ви потрае - направена од вафли и чоколадо, како подарок од една компанија за чоколади за нејзините верни клиенти.

29 јули 2013 - 09:29