Човечка библиотека

Книги од крв и месо

Соочувајќи се со економска и со криза на читањето, библиотеките се обидуваат да најдат начини за да бидат актуелни и релевантни. Еден од нив - ставање на располагање на „човечки книги", од кои често може да се научи повеќе отколку од оние на хартија.

„Има луѓе во заедницата кои велат: Јас сум експерт за поправање електрични апарати или за водовод. Ставете ме во каталогот. Ако некој има некакво прашање или потреба за совет, слободно побарајте ме", вели Барбара Стриплинг, претседател на Американската библиотечна асоцијација.

Самите библиотеки често пати ги нарекуваат овие луѓе „човечки книги", или само „книги", и им доделуваат дури и каталошки бројчиња. Но разговорите со ваквите луѓе не мора да се ограничени на практични прашања, како што се поправањето телевизор или пукната водоводна цевка.

„Човечка библиотека: која е твојата предрасуда?" е меѓународна програма која поттикнува дијалог помеѓу луѓе од различно потекло и со различни верувања. До сега се регистрирани 40 „човечки книги", како политички бегалец, поранешен затвореник или полицаец. Секој може да го погледне каталогот и да седне на муабет со човекот кој ќе го одбере, за да ја чуе неговата приказна, која често е многу поневеројатна од онаа во книгите.

Првиот настан од овој тип бил организиран во Данска, од страна на невладино младинско здружение од Копенхаген, кое дошло на идеја за ваква библиотека откако еден нивен пријател, во 1993, бил брутално нападнат со нож. Од тогаш идејата да се разговара со луѓе од различни културни и социјални средини на ваков начин е проширена и преку океанот, па така оваа година во Канада проектот е спроведен во 15 градови, на 24 еднодневни настани. Притоа разговорите со „живите библиотеки" можат да се одвиваат лице в лице или преку интернет.

14 август 2013 - 14:46