Книгата што се продавала по 1000 примероци неделно во - 1903-та!

На преминот од 19 во 20 век најбарана книга во американските библиотеки не била некоја класика, туку роман на британска авторка, во која девојка со нежна природа се бунтува против социјалните стеги. Kритичарите ја опишале како површна, но продажбата одела како луда и од авторката направила милионер.

На почетокот на 20 век во списанието „Бук ривју“ имало традиционална рубрика „Книги што се бараат“, во која на почетокот на годината се објавувала листа на најпозајмуваните книги од Њујоршката јавна библиотека во претходната. Таа на некој начин било предвесник на бестселер листата на Њујорк Тајмс и сличните на неа. 

Во првата недела на 1904, најпопуларен роман според податоци од библиотеката бил „Ќерката на лејди Роуз“ од британската авторка Мери Аугуста Ворд (на книгата потпишана како госпоѓа Хамфри Ворд, според сопругот), опишан како „приказна која ќе ве остави без здив“ за интровертна девојка која почнува да се бунтува против стегите на тогашното општество.

Интересно е што уште од тогаш бил очигледен јазот помеѓу она што го бара „народот“ (секако, оној кој бил писмен и зачленет во библиотека) и критичарите од високото добро утро. Според рецензија од истото списание објавена на 14 март 1903, кога излегла книгата, таа „го задржува вниманието, но нејзината филозофија е прилично стеснета“. Сепак, авторката е пофалена што „барем овој пат“ заборавила да предава или да „попува“.

„Ќерката на лејди Роуз“ всушност била базирана на биографија на Џули де Леспинас, која еден век претходно раководела со познат париски книжевен салон, и покрај тоа што била вонбрачна ќерка на бароница. Ова ги засилило критиките дека авторката „ја украла“ приказната на својот главен лик, дека не укажала на тоа барем на почетокот на книгата, на што таа одговорила дека де Леспиназ била само за инспирација за влез во „богатата куќа на човечката психологија и светот на француските мемоари“. 

Овие кошкања само ја зголемиле побарувачката по книгата, која пред објавувањето се појавила во делови во Харперс магазин. До јули 1903, Њујорк Тајмс веќе пишувал за романот кој поттикнал наплив на интерес и се продавал по 1000 копии неделно. На времето тоа било одлична бројка, која од авторката направила еден од најдобро платените писатели на своето време, со проценет приход во денешни пари од повеќе од 5 милиони долари!

6 јануари 2024 - 10:43