На 100 години од неговото раѓање

Кампања за довршување на последниот филм на Орсон Велс

Вчера, 6.5, на стогодишнината од раѓањето на Орсон Велс, почна онлајн кампања за собирање средства за завршување на неговиот последен филм, „Другата страна на ветрот". Сниман 12 години, тој има многу интересна, автореферентна приказна, со пророчки моменти.

Филмот требало да биде негов кам-бек на големото платно, а намерата на Велс била тој да го надмине успехот на „Граѓанинот Кејн". Тоа е всушност филм за снимањето филмови - централен лик е легендарниот режисер Џ. Џ. „Џејк" Ханафорд, кого го игра исто толку легендарниот Џон Хјустон. И ликот, исто како и Велс во реалниот живот, се обидува да направи пресврт во филмската уметност, снимајќи филм којшто се вика - „Другата страна на ветрот".

Иако Велс до крајот на животот тврдел дека тој не е автобиографски, филмот содржи неверојатно многу автореферентни детали. Еве детален список на такви преклопувања, кој го вклучува и фактот дека и Велс и измислениот Ханафорд умреле пред да го видат снимениот филм, со што тој станува и пророчки.

Од снимањето минале 40 години и тој денес се смета за „најпознат филм кој никогаш не бил снимен". Во него, во улоги кои неодоливо потсетуваат на самите нив во реалниот живот, освен спомнатиот Хјустон играат и Питер Богданович и Денис Хопер. Иако на почетокот Велс самиот го финансирал проектот, тој набргу морал да најде други извори, но постојано наидувал на пречки. Едно време дури и снимал џинглови и радио реклами за да може да собере пари за она што очигледно му било опсесија. Тука извадок од снимањето на една таква, за замрзнат грашок, во кој се гледа (слуша) неговата нервоза што мора да се занимава со една толку глупа работа, за која сепак наплаќал 15,000 долари дневно.

На целата голгота околу снимањето на незавршениот филм, којшто наместо планираните осум недели се снимал дванаесет години, е посветена и нова книга на Џош Карп, „Правењето на Другата страна на ветерот". Ова, како и кампањата за собирање средства, можеби ќе помогнат тој конечно да биде завршен.

7 мај 2015 - 08:52