Како се викаат луѓето што одбиваат да носат маски?

„Антимаскери“, „одбиватели“, „маскомразители“? Еден подзаборавен збор во англискиот почнува да се појавува во новински статии за луѓето кои сметаат дека носењето заштита им ги загрозува човековите права.

„Сестрата на Шерон Стоун е во болница со Ковид - таа ги обвинува оние кои одбиваат да носат маски“, гласи наслов во денешен Гардијан, при што за оваа категорија луѓе е искористен зборот refusenik. Истиот се појавува и во други британски и американски текстови кои се однесуваат на Ковид „контрашите“.

Она што е интересно од историска перспектива во врска со овој термин е што тој не означувал човек кој одбива, туку кој е одбиен. „Отказници“ (од руското ’отказ’ - одбивање), на англиски refuseniks, бил неофицијален термин за поединци, главно советски Евреи, на кои не им било дозволено да емигрираат во Израел од страна на некогашен СССР. Тука спаѓале и припадници на прогонети религиски групи, како баптисти, други протестанти и Јеховини сведоци. Овие луѓе биле етикетирани како странски шпиони или непријатели на државата кои сакале да избегнат апсење и казна за предавство. Самото аплицирање за излезна виза било забележувано од КГБ, па откако барањето ќе било одбиено „отказниците“ ги губеле дотогашните работни места и морале да живеат работејќи како улични чистачи или каква и да е друга физичка работа, за да не бидат обвинети за „општествено паразитирање“.

Забраната за еврејска емиграција кон Израел била укината во 1971. Од тогаш „рефјузеник“ е влезен во колоквијалниот англиски, но во обратна смисла, за човек кој одбива да направи нешто, најчесто како облик на протест.

Кај нас неносењето маска како и повеќето контрашки однесувања главно не е резултат на некаков јасен идеолошки став, освен доколку мрзата, ароганцијата и лежерноста не ги ставиме под капата на идеологијата. „Одбивачите“ така стануваат просто „неносачи“.

17 август 2020 - 16:46