Како научници кои работеле на Антарктикот несакајќи развиле непостоечки дијалект

Замислете дека сте дел од група заглавена во ледената дивина на Антарктикот, изолирана од останатиот свет. Од овие луѓе може да се очекува со тек на време да развијат своја „култура“, но дали тоа значи дека истото би се однесувало и на нов акцент или „дијалект“?

Изгледа како нешто излезено од научно-фантастичен роман, но според труд на четворица американски лингвисти објавен во Списанието на акустичкото здружение на Америка, изолирана група научници која поминала неколку месеци на Антарктикот почнала да развива посебен заеднички акцент.

На Антарктикот нема домородно население или постојани жители, но постои привремена заедница на научници и асистенти кои се ротираат за цела година да има некој присутен во истражувачките станици. На лето вообичаено има 5000 луѓе, но бројката паѓа на 1000 во текот на зимата. Иако повеќето од нив се тука за да ја проучуваат животната околина или биодиверзитетот, екстремните услови на живот се одлична „лабораторија“ за проучување на одредени аспекти на човечкото однесување, културата и социјализацијата.

Во 2019 тим од Универзитетот Лудвиг Максимилијан од Минхен ја проучувал фонетската промена во акценти помеѓу 11 „презимувачи“. Меѓу нив имало осуммина родени и пораснати во Британија (петорица на југот и тројца на северот) и по еден од северо-западна Америка, Германија и Исланд. Меѓусебно комуницирале на англиски, секој онолку колку што го знаел (за некого мајчин, за друг странски) и на начин на којшто ги изговарал зборовите. 

Тие го снимиле својот глас на почетокот на студијата, а потоа во интервал од шест недели направиле уште четири снимки. Во текот на ова време блиску соработувале, се дружеле и практично биле упатени исклучиво едни на други, со многу ограничен контакт со останатиот свет.

Во текот на престојот, истражувачите забележале значителни промени во акцентите на испитуваните. Најзабележително било тоа што групата почнала да ги изговара зборовите со подолги самогласки. Исто така, се појавиле докази за лингвистичка иновација. Промената на акцентите била суптилна, но сепак доволно значајна за да може акустично да биде измерена, па дури и предвидена од компјутерски модел.

Претпоставката е дека тн. „антарктички акцент“ би се развил многу повеќе доколку истите луѓе би останале таму со години, или доколку групата би била поголема. Сепак, тој бил акустички мерлив и претставувал амалгам од некои аспекти на акцентите на секој од нив поединечно. 

Како што покажува оваа студија, блискиот контакт и изолацијата создаваат идеални услови за појава на нов акцент, со оглед на меѓусебното влијание на говорителите, секој дојден со свој лингвистички багаж. Практично, ова е истиот феномен кој го има претворено англискиот акцент во американски (или австралиски, канадски итн.). 

Ова го поттикнува прашањето кои други нови акценти/дијалекти би можеле да се појават кога луѓето би биле ставени во нови социјални околности. Едно сценарио е потенцијален развој на „марсовски акцент“, доколку некогаш група астронаути би тргнале на мисија на оваа планета. Во текот на повеќе генерации, тоа би можел да стане сосема различен дијалект од оној на некој јазик на земјаните. А по повеќе векови, веројатно би еволуирал нов, марсовски јазик.

5 септември 2023 - 16:43