Како лути пиперчиња помогнаа да се добие Нобел за медицина

Вчера, 4.10, започна циклусот на доделување на Нобеловата награда во различни области. Во онаа за физиологија и медицина добитниците истражувале како чувствуваме температура и допир. Првото со - чили пиперки. Да беа наши, ќе беа везенки.

Дејвид Џулиус и Ардем Патапутиан се првите овогодинешни добитници на Нобеловата награда во серијата признанија кои традиционално се доделуваат во октомври. Двајцата научници базирани во САД се занимаваат со начините на кои луѓето чувствуваат топло, ладно и притисок преку нервните импулси.

Притоа е користен капсаицин, силна состојка добиена од чили пиперчиња која го предизвикува она чувство на горење одвнатре, истовремено болно и, за оние што јадат луто, некако пријатно. Идентификуван е сензор во нервните завршетоци на кожата кои реагираат на топлина. Патапутиан пак користел клектки чувствителни на притисок, за да открие нова класа сензори кои реагираат на механички поттици на кожата и внатрешните органи. 

Секако, овие сетилни дразби и процеси се истражувани и претходно, но ново е објаснувањето на молекуларно ниво како овие поттици се конвертираат во нервни сигнали. За капсаицинот се знаеше дека е поврзан со сетилното доживување на болка, но сега тој се поврзува со рецептор кој реагира на топлина, а се активира кога температурите на кои е изложен се доживуваат како болни. 

Интересно е дека нивните откритија се направени пред цела деценија, а дури сега дојде времето тие да бидат признаени на толку високо ниво. Ова е дотолку поважно затоа што се случува во време на пандемија, кое длабоко ги промени нашите сфаќања за тоа како го доживуваме светот преку сетилата, на пример преку гушкање и сетилата за допир. Тоа се рецептори кои ни даваат чувство на блискост и топлина. 

5 октомври 2021 - 07:14