Како економистите си ги изоставија мајките од сопствените теории

Додека славните теоретичари на економијата замислено гледале низ прозорецот развивајќи апстрактни теории за вредноста на трудот, некој морал да им ја зготви вечерата, и да им ја принесе покрај работната маса. Taка, тие останале при очи слепи за улогата на нивните мајки, жени и сестри во глобалната економија.

Во средината на 18-тиот век, шкотскиот филозоф Адам Смит зборувал за пазарите, стоките и луѓето, дека последниве се всушност опседнати со сопствениот интерес, но и дека (парадоксално) токму тоа го овозможува заедничкиот живот. „Не треба да ја очекуваме нашата вечера од милосрдието на месарот, пиварот или пекарот, туку од нивното настојување да си го остварат сопствениот интерес", напишал тој во „Богатството на народите".

Но Катрин Марсал, шведска писателка и новинарка, авторка на книгата „Единствениот пол"која ја разгледува врската помеѓу економијата и патријархатот (во Британија преведена под наслов „Кој ја приготви вечерата на Адам Смит?"), раскажува поинаква приказна. Смит можеби правилно замислил маса поставена со чинии полни себичност, но тој не ги зготвил сопствените оброци, ниту пак му платил некому да го стори тоа наместо него. Не одел ни по гости за да се нахрани, ниту пак седел на софрите на богатите како дворски сликар. Наместо тоа, нему му готвела - мајка му.

Во тоа всушност се состои и фундаменталната грешка на економската идеологија, вели Марсал. Некој мора да му го испече бифтекот на Смит за тој да може да каже дека трудот е безвреден. И тоа е точно она што се случува со третманот на женскиот труд, кој не претставува никаков фактор од аспект на економските модели. Како што вели еден стар виц, бруто домашниот производ се намалува кога економист се жени со неговата куќна помошничка, што всушност не е виц туку добро објаснување за она што не зема предвид БДП. Економската рационалност која би требала да го раководи човечкото однесување не е дизајнирана така за да земе предвид половина од населението од кое се очекува да работи без пари. Марсал не вели дека економијата е сексистичка, колку што е едноставно е глупа.

Книгата почнува со падот на берзата од 2008. Таа ја цитира Кристин Лагард, тогашната француска министерка за финансии, која изјавила дека работите можеле да завршат поинаку ако браќата Леман всушност биле сестри. Со други зборови, жените имаат подобар ментален склоп за менаџирање на глобалниот капитализам. Но Марсал вели дека ваквиот мисловен експеримент е безмислен.

„Свет во којшто жените би доминирале со Вол стрит би требало да биде толку различен од вистинскиот свет, што неговото опишување не ни кажува ништо за вистинскиот свет. Би требало одново да се напишат илјадници години историја, за да дојдеме до хипотетичниот момент во кој една инвестициона банка по име Леман систер би можела да направи разлика на превжештениот американски пазар на недвижнини".

Според Марсал, иднините општества ќе гледаат на денешната економија како на некој вид машки мистицизам. Наместо да се читаат книги за тоа како се раѓаат деца, за толкување на суштината на животот се чита Шекспир. А индивидуалистите, додека размислуваат за тоа дека човечкото општество се базира на мажи кои се грижат за нивната индивидуална благосостојба, би требало да се сетат на постоењето на нивните мајки.

30 јуни 2016 - 12:02