Како да читаш без да отвориш книга?

Следниот пат кога некој ќе ви рече дека ве чита „ко селски буквар“, вратете му со „а јас тебе како терахерцна радијација“.

Идеално за шпиони и за оние кои работат со многу вредни но кревки архивски документи - истражувачите на MIT развиле камера која користи тн. „терахерцна радијација“ за да ѕирне во текстот на страниците на книгата, без да мора да ги отвори.

Ваквиот вид радијација спаѓа некаде во спектарот на микробрановите и инфрацрвените бранови, а истражувачкиот тим го одбрале баш него заради начинот на којшто тој реагира со различни хемикалии. Имено, тие во допир со терахерцната радијација создаваат фрекфенции кои можат да се мерат и идентификуваат. Тоа во овој случај на истражувачите им овозможува да разликуваат помеѓу мастило или печатарска боја и бел лист.

Всушност, почетоците на ова истражување се од пред десет години, кога со истиот метод е направен успешен обид да се ѕирка во затворени коверти со пошта. Сега се оди чекор понатаму, па наместо само 1-2 листа може да се „чита“, односно да се препознаваат карактери во длабочина од девет страници. Сепак, истражувачите сметаат дека ако ја подобрат опремата на истиот начин ќе можат да се анализираат и поголем број страници, без притоа тие да мораат да се допираат или да се отвараат, и со тоа да се ризикува да се оштетат.

Сите детали на проектот во ова видео. После него ни стана јасно дека „книга не си отворил“ како укор за мрзливи студенти можеби наскоро ќе мора да претрпи промена.

14 септември 2016 - 09:44