JSTOR си пукна во колено со тоа што „почасти“ слободен пристап до дел од списанијата

Во момент кога стриминг сервиси, телеком оператори и дата бази овозможуваат целосно бесплатен или олеснет пристап до содржини, JSTOR одлучи да направи великодушен чекор - да „отвори“ нешто што и претходно беше отворено. И да потсети на својата алчност и недемократичност.

Во 2011 Арон Шварц, американски програмер и интернет хактивист, беше уапсен поради хакирање на мрежата на универзитетот MIT и систематски симнување академски статии од дата-базата на JSTOR со гостинската лозинка. Федералното обвинителство му натрупа обвиненија, за на крај тој да добие казна од 1 милион долари, 35 години затвор и конфискација на имот.

На 11 јануари 2013 тој се самоуби со бесење. Имаше само 26 години.

Вчера, 19.3., истата таа JSTORE, дигиталната библиотека на академски списанија основана во 1995, која заработува скоро 100 милиони долари годишно од претплати на универзитети и институции (не, не и наши), објави на Твитер дека дел од нејзините содржини, оние со слободен пристап, можат да се пребаруваат без логирање - 6.000 е-книги и 150 списанија (од над 6000 со колку што располага).

Следеше бура од коментари, кои главно го спомнуваа името на Арон Шварц, со-основачот на Редит, кој беше осуден по неколку основи, токму за симнување содржини од библиотеката на JSTORE. Тој стана херој на хактивистичката заедница по своето самоубиство во 2013, како последица на огромните притисоци и неразумно тешките казни кои му беа изречени (35 години затвор и милион долари).

И не само тоа, овој дел од JSTOR беше отворен и претходно, па твитот може да се сфати и како прикриена измама - дека нешто станало достапно во контекст на солидарност со академската заедница и студентите погодени од актуелната ситуација.

Ниту солидарност ниту ништо. Обична алчност и експлоатација на истражувачите, кои откако ќе го предадат својот текст на објавување најчесто и престануваат да ги имаат авторските права над него. Некои од нив НЕ МОЖАТ НИ ДА СИ ГИ ВИДАТ објавените статии (барем не легално) затоа што нивните институции не се претплатени. Имено, пристап до ваквите дата-бази на списанија можат да обезбедат само богати, топ универзитети во светот, што значи дека сите кои не работат во нив се однапред академски хендикепирани. Веќе пишувавме и за Сци-хаб, пиратски сајт за научни статии основан во 2011 од Александра Елбакјан од Казахстан, на кој има и до 19 милиони посети ДНЕВНО.

Така, веста дека JSTOR дава отворен пристап до нешто што веќе било отворено е во најмала рака иронично, ако не и безобразно. Сето знаење на планетата треба да е отворено, слободно пристапно, до секого, и не само во време на коронавирус.

20 март 2020 - 11:16